Погледнете кои се најдобрите просветни работници за 2020

Професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка, Марјан Радески од Охрид и педагогот Маринела Бошева од Скопје го добија признанието за најдобар просветен работник на годината за учебната 2019/2020 година.

Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.

„Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност самите просветни работници одлучуваат кому ќе го доделат признанието“, рече Николовска-Георгиевска.

Признанијата на просветните работници им ги врачи Министерката за образование и наука, Мила Царовска, која им порача и понатаму да останат високо мотивирани и креативни во нивната работа.

„Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето на генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава“, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.

Царовска потенцираше дека е посебно важно во услови на пандемија просветните работници да не покажат слабост и немоќ, туку со сиот свој капацитет да се заложат воспитно – образовниот процес непречено да се одвива и во вонредни околности какви што досега не се забележани.

„Затоа просветните работници се и најважната алка во образованието. Како министерка за образование и наука ќе продолжам да се борам за унапредување на дигнитетот на професијата наставник и секој што одбрал да биде учител на нашите деца да го добие местото кое и го заслужува“, нагласи министерката Царовска.

 

На средбата беше истакнато дека секое решение во образованието се креира преку инлузивен пристап, со учество на сите засегнати страни, вклучително и наставниците.