Сè започна со долга, искрена Фејсбук објава. Наставникот Иле Михајловски од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе имал училиштен прибор кој не му требал, па решил да го донира. Но, тоа не било доволно за да помогне на повеќе дечиња.
„Решив да објавам пост на својот ФБ профил од повеќе причини кои ги објаснив во самиот пост: во нашата држава отсекогаш имало дечиња на кои и во нормални услови почетокот на учебната година им бил тежок. Стар искинат ранец, немање основен прибор. Бев малку изреволтиран по социјалните мрежи каде голем број родители беа со променливи мислење сакам – не сакам онлајн настава. Стравот можам да го разберам, ама за овие дечиња на кои полното стомаче им е најубавото чувство во денот никој не спомна ништо. Особено сега во време на Ковид-19 каде се случува на губење на работни места, минимална плата, бројот на вакви деца во државата се зголемува“, вели тој за Радио МОФ.
Според него, за овие деца небитно е како ќе започне учебната година, бидејќи тие немаат ниту тетратки и моливи, а не пак, како што вели наставникот, таблети, паметни телефони или компјутери.
„Затоа во постот напишав ‘Заборавените деца и училиштето’. Правото на образование е право на секое дете“, појаснува Михајловски.
По објавата, почнале да се јавуваат пријатели и сограѓани кои ја препознале неговата идеја и желба да се помогне, дури и од странство.
„Луѓе кои ме познаваат пред сè како човек, но и како наставник кој максимално се вложува во децата искажуваат желба да се вклучат , што ме прави бескрајно среќен. Почна од малку, ама од ден во ден бројот на луѓе кои донираат се зголемува. Морам да признаам дека фидбекот кој се случува овие денови не го очекував. Немам отворено сметка, па најчесто ме контактираат преку ФБ или телефонски. Сите кои се јавија досега, а се надвор од Свети Николе, сме се слушнале, договориле и дел од договорените средби се случиле и се преземала донацијата“, образложува наставникот.
„ЗАБОРАВЕНИТЕ“ ДЕЦА И УЧИЛИШТЕТО!Нема да зборувам за неизвесноста што Ковид 19 силно ја рефлектира врз почетокот на…
Posted by Иле Михајловски on Wednesday, 26 August 2020
Со оглед што учебната година започнува на 1 октомври, Михајловски вели дека добил на време, па акцијата може да продолжи во текот на септември.
Периодов тој очекува информации од училиштата за кои ученици им е потребен училиштен прибор, кој планира да го подели пред почетокот на учебната година. Дотогаш, акцијата е во тек.
„Мое е донираниот училишен прибор да го доставам до што поголем број на деца на кој навистина им е потребен. Колку повеќе деца ќе израдуваме, толку подобро, оти поголема награда од детска насмевка нема“, истакна тој.
Ваквите акции сепак не се ново за овој наставник. Тој вели дека често знае да организираат и со неговите ученици. Досега собирале и облека, прибор, храна и ги делеле каде има потреба, најчесто на ученици во нивното училиште.
Емилија Петреска