Покачување на платите на наставниците за 5%, Владата и СОНК постигнаа договор

Вработените во основното и средното образование од октомври ќе земаат поголема плата за 5%, информираат денес од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата, по одржаната средба на која беше постигнат договорот.

„Дополнително за наредните години, заклучно со март 2028 година, платите во овие дејности ќе се зголемат кумулативно за околу 50%, односно март 2025 дополнителни 7%, март 2026 година од 7,5% до 10%, март 2027 година од 7,5 до 10% и март 2028 година од 10% до 12,5%. Платата на наставниците конечно ќе биде над просечната плата во Македонија. Колективните договори за основно и средно образование ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари“, соопшти претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Информациите ги потврдија и од Владата од каде кажаа дека побарале време со цел да направат увид во финансиските состојби и да дадат предлог што ќе води до договор.

„Јас лично вклучен бев во овие преговори, разговори со Синдикатот на образованието, науката и културата. Така да што мислам дека се постигна договор којшто е историски во насока  на подобрување на финансиската состојба на самите наставници и професори во основното и средното образование“, изјави премиерот Христијан Мицковски.

Според премиерот во март 2028 наставниците и професорите во основното и средното образование треба да земаат отприлика минимум 46% повисока плата од таа денес, а може и повеќе во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа ќе зависи од приходната страна на самиот Буџет.

Тој додаде дека Министерството за финансии планира, ако биде сѐ како што треба, до крајот на оваа година да почне примената и на Е-фактура.

„Тука очекуваме дополнително намалување на сивата економија, односно зголемување на приходите“, рече Мицковски.