Се наоѓате во една административна зграда на градот Дандавал, поточно во канцеларијата на локалниот командант за градска безбедност. Принесувате доказ дека сте ја извршиле задачата успешно – тоа е главата на еден Огар. Командантот е заинтригиран и му го давате потребното објаснување: Огарот бил маѓепсник кој веќе некое време го истражувал канализациониот систем и создал мапа на сите влезови и излези. Точно знаел кој отвор во чиј дел на градот води. Лека полека се отарасувал од секој кој работел на проверки и поправки во системот, ограбувајќи го трупот на несреќната жртва од било која вредна сопственост.
Канализацијата му била база на операција која му била прибежиште кога ја користел ноќта за да излезе и да бара потенцијални осамени жртви кои се шетале на погрешно место во погрешно време. Ти и твојот тим сте претпоставувале дека ќе имате големи проблеми кога сте го нашле Огарот, што е точно, бидејќи Огарите се силни и високи суштества, а овој поседувал и магија. Воедно, Огарот на свое располагање имал и неколку суштества кои личат на нешто помеѓу гасеници и стоногалки. Сепак, кога имате тим, некако очекувано е да бидете тим, па така, твојот полу Човек-полу Орк воин ја презел улогата на тенкист, привлекувајќи добар дел од стоногалките, додека волшебникот е во улога на поддршка на групата, давајќи на секој лик магичен оклоп за заштита од физички напади. Бардот од друга страна добро ја затегнал својата лута од која излегуваат звуци кои даваат еден голем борбен елан на сите во твојата група, небаре можете да сотрете најмалку 100 душмани. Огарот е свесен дека твојот тим е зафатен со неговите слуги и со инкантација полека создава една огнена топка меѓу неговите раце, со секоја секунда таа топка се зголемува. Како што Огарот се подготвува да ја фрли огнената топка кон тебе, тој чувствува еден силен убод позади неговиот грб. Неговата сила полека, но сигурно излегува од неговото тело. Огарот се врти позади за да ја погледне твојата крадачка како го држи во својата десна рака окрвавениот бодеж со кој го има зададено критичниот удар. Огарот сега слуша еден страотен борбен крик и се врти накај изворот, но нема доволно време за да добие јасна слика, бидејќи твојот воин прави јуриш-скок кон Огарот и со само еден замав на мечот, главата на Огарот се одвојува од телото.
Командантот е повеќе од импресиониран. Ви дава едно кафено кожно кесе со златници, 500 на број, како што стои во огласот. На командантот му давате уште неколку предмети кои најверојатно припаѓале на жртвите. Добивате по уште 100 златници плус за информација за судбината на жртвите, баш како што стои во огласот. Сега се вртиш кон твојата група. Сите гледаат кон тебе со блага насмевка. Ова беше успешно извршена мисија која ви носи драгоцено искуство. Сега се прашувате што понатаму и се подготвувате за излез. Командантот бара да застанете. Ви вели дека овој случај бил воедно и тест на градоначалникот за да најде способни лица кои би сакал да ги ангажира во некоја негова лична мисија. Дури ни командантот не знае каква е таа мисија, бидејќи таа информација може да им ја каже само градоначалникот. Повторно се гледате меѓу себе. Да, имате живот надвор од вакви сесии, но секогаш може да се вратите во овој свет и да продолжите со авантурите. Што викате? Сите ликови на играчите даваат едно едногласно „да“ и се подготвени за прием кај градоначалникот. Што ќе им каже градоначалникот е работа за следната сесија.
Во последниот текст за историјата на Зандани и змејови застанавме кај заминувањето на Гери Гајгакс, еден од основачите на играта и препуштањето на TSR во целост во рацете на бизнис браншата. Во 90-тите години од минатиот век преовладувала втората едиција на Зандани и змејови која сепак имала силна конкуренција. Како главни конкуренти кои постепено грицкале од економскиот колач во областа на друштвените игри се појавиле Games Workshop, креаторите на Warhammer Fantasy и Warhammer 40 000 (игри каде секој играч си купува свои воени единици од Warhammer универзумот, за потоа да ги фарба и да ги користи во двобој со друг играч) и Wizards of The Coast, кои ги имале правата врз една многу популарна игра со карти насловена Magic: The Gathering.
Поради немањето соодветен одговор на своите конкуренти, TSR како компанија згаснала откако сопствениците на TSR се согласиле да ја продадат компанијата и правата на Зандани и змејови на Wizards of The Coast. Во ваква ситуација може да нагаѓаме дека иднината на оваа друштвена игра е запечатена и не се знае дали ќе опстои ако WOTC ја држат, а ништо не прават со неа, или можеби прават нешто, а не сме целосно задоволни со тоа што го прават. Последново испаднало вистинито. Под капата на WOTC, брендот на Зандани и змејови се проширува во лукративната област на видео игрите, каде 90-тите години се сметаат за златното време за компјутерските role play видео игри. Па затоа неизбежна е улогата на Bioware (Канадска компанија за видео игри) која ги има развиено Baldur’s Gate 1 и Baldur’s Gate 2, кои и до денешен ден се наоѓаат на топ листите на најдобрите компјутерските role play видео игри.
Додека имаме квалитетен наплив на role play видео игри во тој период, другиот потфат, како играниот Dungeons and Dragons филм не ги донел потребните пари за барем да се покријат загубите од продукцијата. Ако е за некоја утеха, Џереми Ајронс, главниот непријател во филмот, ја игра својата животна улога и факт е дека премногу се забавувал додека ги снимале неговите сцени. Како и да е, стартот на новиот милениум означил една битна промена – издавање на третата едиција на Зандани и змејови која требала да служи како нова едиција за сите нови можни видео игри во иднина. Со третата едиција дошла и можноста за homebrewing, која најдобро би била преведена вака – замислете дека има само една фирма во светот која произведува пиво. Има само едно пиво, со истиот вкус, истата густина и истата боја. Фирмата сепак не се однесува како монополистичен ентитет и го дава рецептот за производство на пиво, па сега секој може да произведува пиво, без никакви правни последици, и може да го подесува како што сака. Дали сакате да биде посветло, потемно, со повеќе или помалку алкохол, со овошен додаток или друг зачин, тоа е ваш избор. Ова се покажало како добар избор и создавање на „од фанови за фанови“ однос. Тоа се променило со издавањето на четвртата едиција.
Иако третата едиција според многумина е најдобрата едиција што се однесува за Зандани и змејови, не може да се негира дека има свои лоши страни, како константното штанцање на оваа едиција со нови под-едиции и премногу книги за кампањи, нешто што може да го наречеме ефект на викенд роман колекција. За да се направи надомест за преплавената содржина, Wizards of The Coast ја издава четвртата едиција, која би била многу поедноставена и со помалку спамирање. Ова го постигнало спротивниот ефект, со многу обвинувања од фановите за целосно упростување на Зандани и змејови, како и неподготвеноста на други да се префрлат на нова едиција за играње бидејќи сѐ уште ги тераат кампањите со постарите едиции. Ова се случувало во време кога повеќе домаќинства низ светот имаат свој компјутер дома и интернет мрежа, па затоа како што има јавен суд на интернетот, такво нешто нема да начекате во реалниот свет.
Од 2008 до 2014 година популарноста на легендарната игра Зандани и змејови значително опаднала, каде добар дел од фановите се враќале на играње на постари едиции на играта, или се префрлувале на играње Pathfinder, друштвена игра на Paizo која доследно го копирала духот на третата едиција на ЗИЗ. Со ваков развој на настаните се чинело дека Wizards of The Coast би претрпела не само тешки финансиски загуби, туку и масовни отпуштања и реструктуирања од страна на Hasbro, фирмата сопственик на WOTC. Сепак, WOTC добиле нова шанса за да ја исправат погрешната слика кај фановите и да вратат барем дел од изгубената доверба кај нив.
Во 2014 година се случувале последните подготовки за излегување на најновата, и се уште актуелна, петта едиција, во надеж да се направи корекција на грешките настанати о претходната, четврта едиција. Да се навратам на примерот со пивото. Ако фирмата која е единствен производител на пиво, престане да го произведува пивото на кое добро сме се навикнале (а пивото има добар квалитет) и почне со производство на пиво кое речиси никој не го сака, тогаш треба да се врати на класичната формула колку што може. Така може да се протолкува транзицијата од четврта во петта едиција. Она што останува за финализирање е да се најде иницијална каписла, нешто што може да ја разбуди возбуденоста кај фановите и нефановите.
А таа иницијална каписла се вика Вин Дизел. Не, не се шегувам. Дозволете да објаснам. Во 2011 година основана е Geek and Sundry, YouTube и Twitch канал каде се промовираат многу работи од областа на гик културата, од филмови, серии, стрипови до друштвени и видео игри. Еден ден во 2014 година, една не толку позната група (освен за добро упатените) по име Critical Role, на чело со Метју Мерсер, господаротна занданата, организираат сесија на Зандани и змејови со посебен гостин. Гостинот е Вин Дизел, и повеќето се збунети. Што бара Вин Дизел во вакво друштво?
Нели е тип на човек кој вложува време во високобуџетни акциони филмови и сигурно нема профил на лице кое сака работи за гикови? Така изгледа на прв поглед, но потоа ќе отворите разно разни клипови на интернетот и ќе видите дека Вин Дизел, една од најголемите акциони sвезди во овие години е голем гик и фан на Зандани и змејови и затоа со голем ентузијазам зборува за оваа негова многу омилена игра.
Посебната сесија доби неколку милиони прегледи, означувајќи го враќањето на WOTC на голема врата, поканувајќи ги како разочараните фанови, така и оние кои допрва слушнале за Зандани и змејови, давајќи ја долго посакуваната втора шанса. Овде го имате линкот од сесијата D&Diesel.
Зандани и змејови има една многу интересна историја, полна со ризици, подеми, падови, нови подеми и скандали. Последниве неколку години се дефинитивно новата ренесанса, со нови книги за кампањи, нови романи, видео игри (Baldur’s Gate 3 ќе ја добиеме овој месец август, а овој дел го прави тимот на Larian Studios), за неполн месец ја имаме премиерата на Dungeons and Dragons: Honor Among Thieves, но и неколку непромислени, непопуларни потези, како случајот со One DnD. Како и да е, секоја вест поврзана со Dungeons and Dragons е знак дека оваа игра има оставено едно огромно наследство и влијание во поп културата и нема намера да си замине од сцената во скоро време. За крај, го оставам во прилог мини документарецот на Wired за Роберт Вардоу, професор по историја, кој води кампања на Зандани и змејови долга 40 години.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.