Пред едно можеби десет години во еден разговор со другарка зборував за технолошки идеи произлезени од научно фантастични книги, филмови, стрипови итн. Во една прилика ми спомна дека треба да направам свој блог за да пишувам за тие идеи, но мојот одговор беше дека иако таа идеја е добра, немав посебен интерес бидејќи сакав да се фокусирам на други работи во животот. Некаде во 2014 година Младински Образовен Форум објави конкурс каде секој може да се пријави за водење на своја авторска емисија на нивното радио. Веднаш се потсетив на разговорот со другарката и си реков, зошто да не, поднесов пријава и на апликацијата првото прашање беше – како би се викала твојата радио емисија? Мојот одговор од прва беше – Поларис, во чест на едно антолошко списание за научна фантастика од поранешна Југославија, па така мојата емисија ќе биде посветена на се што е од областа на научната фантастика, фантазијата и секако, хоророт. Од играни филмови до ТВ серии, од литература до стрипови. Овде не ги исклучувам и видео игрите како медиум кој станува се поактуелен и популарен, како во Македонија, така и во светот. До денес радио емисија Поларис има осум сезони со 142 (или 143 епизоди) вкупно, покривајќи доста богати теми, како од повеќе познати, до помалку познати и култни наслови. Оваа година некако направив full circle на стариот муабет и почнав со пишување текстови за радио МОФ и морам да признаам дека пишаниот збор ми е поинтересен предизвик, но со тоа немам намера да го исклучам досегашното водење на радио емисијата, па како што ја оставаме зад себе оваа 2022 година и влегуваме во следната, ќе видам да ве оставам вас, читателите и слушателите на радио МОФ со многу нови содржини, како во пишан, така и во радио формат, додуша би сакал радиото за понатаму да го променам повеќе во подкаст со гости.
За крајот на оваа година би сакал последниот текст да ми биде за The Night of the Meek (Ноќта на кротките), епизода од втората сезона на антолошката ТВ серија The Twilight Zone (Зоната на самракот) и Cyber Claus, краток расказ на Вилијам Гибсон. Да, нивното спомнување е многу необично, но не и во контекстот на темата која ја обработуваат, а која се однесува на новогодишните празници.
The Night of the Meek е 59-та хронолошка епизода на The Twilight Zone. Приказната е за Хенри Корвин, неврабтен човек во едно мало американско градче кој за да заработи лесна пара ќе мора да прифати да облече костим на Дедо Мраз и како таков со насмевка и радост да ги пречекува родителите и децата во локалната стоковна куќа. Хенри е човек на дното на среќата, несреќен во секој поглед, со изгубена цел во животот кој ја троши секоја заработена пара на ефтин алкохол. Хенри доцни на единствената работа која ја има мотајќи се во локалниот бар. Кога конечно се прибира до столчето на Дедо Мраз, тој прави сцена струполувајќи се на подот, предизвикувајќи потсмев кај присутните. Господин Данди, менаџерот на стоковната куќа му наредува да ја остави облеката и реквизитите на Дедо Мраз после Бадниковата вечер, бидејќи од следниот ден Хенри повеќе нема да работи за нив. Хенри не е човек со лошо однесување бидејќи така му се сака. Хенри сочуствува со луѓето од неговото маало кои се борат со финансиски проблеми и лични несреќи, посебно со децата кои кога ќе го погледнат облечен како Дедо Мраз, мислејќи дека е вистински Дедо Мраз, бараат од него играчки, храна и стабилна работа за нивните родители. Во знак на протест, Хенри од срцето му кажува на господин Данди дека во време на несреќи и лошотилаци, посакува само едно нешто – Божиќ да биде ден на среќа за сите, каде кротките ја наследуваат земјата. Како што се ближи Божиќ, Хенри бесцелно шета по снежните улички кога пред него ќе се најде една сосема обична платнена вреќа со конзерви и хартија која ќе ја одмине. Но, Хенри ќе почне да слуша божиќни sвона и кога ќе се сврти, ќе примети дека таа иста вреќа, наместо со конзерви и хартија е исполнета со убаво спакувани новогодишни подароци. Хенри ја подигнува вреќата и почнува да ја исполнува својата вистинска улога на Дедо Мраз, делејќи подароци на секого од вреќа која по се изгледа е навистина волшебна и без дно. Од сите можни филмови и серии кои се прикажуваат по ТВ станиците по повод нова година, сметам дека The Night of the Meek е една од подобрите епизоди на Twilight Zone која може да се прикажува јубилејно токму за нова година, па секоја чест на ТВ Телма која од порано ги откупи ТВ правата за Twilight Zone за македонскиот етер, со надеж дека Телма би репризирала ново емитување на оваа неверојатна серија.
The Night of the Meek дефинитвно спаѓа во медиумите за Божиќ и нова година. Но што правиме со Cyber Claus? Ова е краток расказ од перото на Вилијам Гибсон, а според многумина, Гибсон е творецот на сајберпанкот, еден комплетно нов поджанр на научната фантастика со high-tech, low life тематика, големи корпорации кои на големо влијаат во светската економија и политика, индустриски шпиониажи, панк, синтисајзери, метал музика и кич мода која вреска – не е важно што носиш се додека она што го правиш е кул. И каде влегуваат Дедо Мраз, Божиќ и нова година во оваа слика? Па, преку оџакот како и секоја приказна која го вклучува Дедо Мраз. Cyber Claus е расказ сместен во Sprawl универзумот на Вилијам Гибсон. Да, истиот универзум во кој се одвиваат настаните од Neuromancer, Count Zero и Mona Lisa Overdrive. Главниот лик во расказот се буди од аларм кој е активиран секогаш кога ќе биде детектирано туѓо присуство. Ова се случува во предвечерјето на Божиќ. Не знаеме многу за главниот лик освен дека е многу богат и влијателен штом може да си дозволи луксузна куќа со вештачка интелигенција поврзана со системи за одржување на куќата, а во тоа спаѓа и обезбедувањето на истата куќа. Главниот лик не знае кој или кои се обидуваат да влезат во неговиот дом. Дали се платени убијци испратени од конкурентска фирма? Дали се шпиони кои сакаат да украдат некоја деловна тајна? Неговата поранешна сопруга? Или можеби Синјард Клитус лично, претседателот на САД? Одговорот е едноставно не. Вештачката интелигенција по првите анализи доаѓа до заклучок дека во куќата сака да влезе само едно лице. По описот е маж, со долга бела брада, црвен крзнен костим и црвена шапка, кој носи голема вреќа со него. Овој маж се обидува да влезе преку оџакот. Нема да дознаеме што ќе направи главниот лик за овој „натрапник“, но Cyber Claus, кој оригинално е објавен во Washingot Post во 1991 година е достапен за сите во neondystopia.com па овде го имате линкот.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.