„Застана таму за момент, гледајќи околу тивката просторија, полека тресејќи ја главата. Сите овие книги, си помисли тој, остаток од интелектот на планетата, струганиците од залудни умови, останките, попарата од артефакти кои немаа моќ да ги спасат луѓето од пропаст.“ – Ричард Матесон, Јас сум легенда
Земјата има доживеано апокалипса. Огромен број на светското население е заразено од некаков мистериозен вирус. Вирусот има уникатна способност – да прави реанимација на мртвите, не во смисол да бидат оживеани, туку реанимирани како движечки трупови кои покажуваат голема агресивност и глад за човечко месо. Оваа апокалипса не трае долго, бидејќи доволен е краток период мнозинството на човештвото да стане зомбифицирано. По симнувањето на прашината остануваат само мал дел на преживеани кои се обидуваат да преживеат во новата состојба на светот, формирајќи нови општества, снаоѓајќи се како што знаат и умеат. Ова е општиот опис на содржината на The Walking Dead серијата која издржа 11 сезони пред ТВ екраните. Но исто така, ова е описот и на Zombieland, Night of The Living Dead, Dawn of The Living Dead, Shaun of The Dead, Left 4 Dead, Dead Island, Dying Light итн. Трендот за постапокалиптични приказни со зомбија кои го преплавуваат светот каде мала група на преживеани се бори со се што ќе и се најде при рака трае долго време, понекогаш количината на содржината ќе се намали, понекогаш ќе се зголеми во зависност од популарноста, но никогаш не се спушта во нерелевантност.
Па така овој текст ќе го стави на мапата на читателите насловот I am Legend (Јас сум легенда) на американскиот писател Ричард Матесон. Матесон бил новелист на почетокот на неговата пишувачка кариера, практикувајќи го својот занает со пишување на кратки раскази. Во 1954 година се прославил кај читателската публика на хорор романи со книгата I am Legend, за потоа да го привлече вниманието кај Род Серлинг, американски сценарист и писател кој ќе стане идејниот креатор на антолошката ТВ серија The Twilight Zone (Зоната на самракот). Потписот на Ричард Матесон стоел на сценаријата на деветнаесет епизоди на таа серија, по што бил ангажиран во повеќе холивудски филмски проекти, повеќе познат како косценарист на The Last Man on Earth (Последниот човек на Земјата), адаптиран по книгата Јас сум легенда со Винсент Прајс во главната улога. Друг интересен факт – I am Legend има уште две филмски адаптации, втората со наслов The Omega Man со Чарлтон Хестон во 1971 година, а третата, односно поновата од 2007 година со Вил Смит која имаше оригинална и алтернативна верзија за крајот.
Роберт Невил ја има истата рутина секој ден – излегува од својата куќа со првите утрински зраци и талка низ запуштените улици на Лос Анџелес. Прв приоритет му е потрагата по храна. Нема повеќе свежа храна, она што е останато (доколку е останато) се конзерви грав, грашок, пченка, месо и паштети. Втор приоритет е потрагата по лекови чиј рок не е поминат (додуша, можат да послужат и лекови со поминат рок само поради плацебо ефектот). Во трет план остануваат функционални ладни оружја (остри и тапи), како и материјал за домашни барикади. Доколку во својата потрага наиде на неискористен електричен генератор за напојување на неговата електрична ограда и големите светла кои се насочени кон главната улица, тоа му доаѓа како да освоил џек пот на лотарија. Внимателно погледнува во кој правец е сонцето, бидејќи ги има потрошено сите можни батерии за својот рачен саат. Откако го зима потребното што може да го носи, се повлекува во својата куќа. Ова е практика која Роберт Невил ја повторува со години. Ни самиот не знае колку години се поминати, но постои можност дека се поминати околу 30 години како што го прави тоа што го прави. Пред 30 години светот западнал во голема светска војна каде се користени сите можни страшни оружја кои се чувале како љубоморна тајна од страна на големите светски сили за пресудниот момент кој бил иницијалната каписла за големата војна. Војната е одамна завршена, загубите големи, но наместо да се случи постепеното опоравување, луѓето се соочуваат со нова криза. Мистериозен вирус полека но сигурно го покосува човештвото, и само Роберт Невил е единствениот преживеан, но сепак, не е сам. Вирусот го прави невозможното, нешто што не е во доменот на разумното на нашата наука – вирусот ги мутира мртвите. Секој кој подлегнува на болеста на вирусот се претвора во вампиролико суштество кое трага по крвта на живите, а како суштества со вампирски способности, ја имаат истата слабост како вампирите, криејќи се во најмрачните простории додека трае денот. А со залезот на сонцето, Роберт Невил ги затвора сите можни пристапи, проверувајќи ги барикадите дали се доволно цврсти да издржат напад, бидејќи ноќта одамна им е одземена на луѓето.
Да, ова е првиот роман кој ја етаблира целата зомби тематика која денес ни е добро позната, со мала разлика што зомбијата во книгата повеќе одговараат на вампири (светлината ги убива, слабост кон лук или било што што има својства на лук, поголема отпорност кон огнени оружја, но сигурна смрт ако им биде забиен колец во срцето). Најголемата инспирација за I am Legend кај Ричард Матесон доаѓа од две книги – првата е The Last Man (Последниот човек) на Мери Шели (писателката на Франкенштајн) кој е првиот прото роман за крајот на светот гледан низ перспективата на последниот човек, додека втората е Робинсон Крусо на Даниел Дефо. Чуден избор, но со малку подлабока анализа и логичен. Заедничкото е во изолацијата на човекот, крајот на она што го познаваат, тоталната преобразба на карактерот на главниот лик како борец за преживување кога на тест се ставаат неговите идеали и колку ни треба да се приспособиме на новото време и предизвик. Но Роберт Невил ја нема смиреноста на главниот протагонист во Последниот човек кој ги прифаќа последните денови на овој свет во состојба на мир и спокој бидејќи не е мета на крволочни вампири/зомбија, или фамилијарноста на Робинсон Крусо кој е свесен дека можеби некој ден ќе биде спасен од островот со оглед на тоа што цивилизацијата не е нешто што колабира преку ноќ, но мора да ги издржи предизвиците на пустиот остров. Зборот мир е лукзус за Невил, кој не верува дека ќе доживее да добие одговор на прашањето – дали навистина е последниот жив човек или има и други, преживеани групи на луѓе кои можеби создале побезбедни човечки заедници. Неговата борба секој ден е истата, со добро познат непријател кој е вгнезден во Лос Анџелес добри 30 години. Дали навистина има преживеани? Која е мистеријата на вирусот? Дали постои лек за вирусот? Дали вампирите навистина живеат вечно или брзо умираат ако немаат извор на храна? Ова е нешто што самите треба да го дознаете.
Јас сум легенда не е голема книга, напротив, има едвај 200 страници, па дадете и шанса. Нема некоја посебност во поглед на стилот на пишување кај Матесон кој повеќе има влечено од светот на палп списанијата на научната фантастика и хоророт. Но, иако од овој наслов се вадат шаблоните за речиси секоја приказна поврзана со зомби апокалипсата, повеќето го изоставуваат крајот и поентата на Невиловите доживувања, нешто што за жал важи и за играните филмови правени по книгата. За да не ги расипам вашите впечатоци со понатамошно откривање, ќе ве оставам со прашањето – зошто Матесон го потенцира зборот легенда во насловот? Поедноставено, легенда значи приказна од минатото, со години воспевана и евентуално напумпана со претерувања за да се добие на спектакуларност и восхитеност. Накратко, приказна за чија вистина не сме сигурни колку е точна, а колку е лажна. А секоја легенда има свој лик за кој не знаеме колку има вистина, а колку лага во нивниот карактер, нивната добрина и лошотија и колку е поматено од изворот. Ако легендите се приказни раскажувани од живите за мртвите, тогаш кој ја пренесува легендата?
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.