И така, минатиот петок во Лос Анџелес се одржаа најновите The Game Awards, нешто како оскари за видео игри, каде на тој настан се избираа победниците во различни категории, од најдобра музичка композиција и наратив во видео игра, до најдобра видео игра за 2022 година. Очекувано, главната борба за тронот за 2022 година се водеше помеѓу Elden Ring и God of War: Ragnarok. На крајот можеби беше повеќе или помалку очекувано – добар дел од наградите од типот на гласовна глума и музика отидоа за God of War: Ragnarok, додека наградата игра на годината припадна на Elden Ring. Но покрај наградите, The Game Awards е добро место за прикажување на многу трејлери за нови игри, па морам да признаам дека наредната, 2023 година ќе биде богата со многу нови наслови. А меѓу сите тизер трејлери најмногу внимание ми привлече тизерот за Judas, најновата игра на Кен Левин, долгогодишен ветеран во индустријата за видео игри.
Прашање до сите кои играат видео игри – дали овој трејлер ве потсетува на нешто? Ако немате брз одговор, тогаш овој наслов најверојатно би ви го освежил сеќавањето.
Judas е, барем според првиот промотивен трејлер, духовен наследник на Bioshock, една одлична игра која излезе во 2007 година, а е во голем дел плод на имагинацијата на Кен Левин за кој веќе спомнав дека има големо и богато досие во областа на креирање на видео игри. Во 90-тите години Левин бил дел од Looking Glass Studios, студио кое има работено на доста игри кои биле револуционерни за своето време, како System Shock и Thief. И ден денес можат да се играат и да се дознае зошто биле и се се’ уште релевантни, иако мора да се признае дека сепак кај нив се приметува дека ептен застариле. Но тоа не мора да значи дека не заслужуваат да се играат. Напротив, со дополнително полирање и додавање на модови и тоа како може да се ужива во System Shock и Thief, а во конкретниот случај на System Shock, првата игра добива свој римејк кој го прави Night Dive Studios и за кој се верува дека би требало да се појави наредната година.
Иако Looking Glass Studios важеле за едни од главните пионери во револуцијата на компјутерските видео игри во 90-тите, финанските проблеми придонеле за брзо згаснување на таа компанија. Кен Левин, после распадот на Looking Glass ја основал Irrational Games, собирајќи дел од тимот кој работел во претходната фирма. Нинвата намера била да емулираат нешто налик првиот System Shock, па после години работа на концептуална уметност, нацрти и неколку кратно менување на приказни, Кен и компанија конечно ги собираат потребните контури за да направат видео игра која ќе биде духовниот наследник на System Shock. Првиот трејлер ја има својата премиера во 2006 година, со премиса за подводна хорор авантура во градот Rapture. Bioshock се појави во 2007 година за компјутери и за тогашната XBOX конзола на Microsoft со огромни пофалби, добра продажба и зацементиран статус на легенда.
Дејствието на приказната се одвива во 1960 година. Еден авион се руши над Атлантскиот океан, а од сите патници преживува само едно лице кое се вика Џек. Тој е ликот кој ние го контролираме од почетокот до крајот на играта. Џек плива до едно мало островче со светилник. Но штом Џек влезе во светилникот тој приметува дека ова не е обичен светилник. На дното на светилникот има една мала подморница во која влегува Џек. Додека подморницата се спушта на неодредена подморска висина ние се запознаваме со можеби едно од најдобрите отварања во историјата на видео игрите кое ни дава добро објаснување за тоа што е Bioshock. Во подморницата се пушта краток промотивен филм кој го раскажува Ендру Рајан, еден многу богат индустријалец кој објаснува дека го создал Rapture (Занес), огромен град под морето како знак за бегство од опресијата на површинскиот свет. Rapture, според неговата визија е место каде уметникот повеќе нема да биде цензуриран од цензорите и моралистите, каде научникот повеќе нема да се обрвзува себеси пред етички комитети за неговата работа, каде големите нема да бидат ограничени од малите. Оваа замислена идила на богаташот Рајан е сериозно нарушена откако првпат ќе стапнеме во Rapture, каде наместо гламур и убавина сме пречекани со сеопшт хаос и терор, каде секој се грижи само за себе.
Rapture е еден неверојатно фантастичен град. По својот стил и дизајн се гледа дека е повеќе олицетворение на Њујорк и Чикаго од 30-тите и 40-тите години од дваесеттиот век, со таа разлика што Rapture е лоциран длабоко под морето. Ние сигурно сакаме да добиеме одговор на прашањето како воопшто може да биде создаден ваков град, со каква технологија и логистика, но ова прашање го завзема последното седиште во автобусот на нашиот ум бидејќи сме обземени и преокупирани со убавината и гротескноста на овој величествен град. Кај видео игрите преовладува стандардното правило дека со тек на годините се губи убавината кај игра поради застарена графика. Ова е непишано правило, но сепак „држи вода“. Игра која се појавила на пример во 1998 година сигурно ни изгледала многу убава благодарение на тогашната технологија за после неколку години истата да изгуби на убавина поради сиромашна графика. Истото може да го кажеме и за игри кои излегле во 2005, 2010 година итн. Тогаш што може да се стори една игра да ја задржи својата убавина и покрај нејзината старост? Обично одговорот е римејк или ремастеризирана верзија, но во случајот на Bioshock тоа е во визуелната презентација. Bioshock е игра која се игра во First Person (прво лице) перспектива, па затоа го гледаме Rapture преку очите на Џек. Bioshock не зависи од колку што е можно реална графика, туку клучот е во визуелниот приказ на околината и ликовите. Се е повеќе стилизирано отколку реално. Сите ликови, од сојузници до непријатели се повеќе или помалку карикатурални, но тоа не е маана. Напротив, дизајнот им е таков да е лесно препознатлив за многумина кои ја имаат играно Bioshock, или не ја играле но самиот дизајн ги одвојува од морето на генерични ликови. Се’ се поклопува како што треба – Rapture не импресионира како по својот надворешен, така и по својот внатрешен изглед. Сите делови на градот се поврзани со специјални стаклени тунели и се јавува едно чувство на страв и несигурност кога гледаме стаклен тунел кој попушта под притисокот на морската вода бидејќи ние се наоѓаме во тунел кој е до настраданиот тунел, а беспрекорниот звук на кршење стакло, sвечкање на остри оружја и светлината на рекламните паноа кои се поштедени од ршумот е, како што би рекле Американците, „icing on the cake“.
Bioshock е одличен спој на аудио и визуелно доживување благодарение на својата стилизирана уметност. Но ова не се единствените аспекти кои го чинат Bioshock да има своја уникатност. Напротив, со овој текст само ја начнав површината бидејќи Кен Левин и Irrational Games не ги потрошиле залудно повеќето години само за да направат игра која ќе плени само во поглед на аудио и визуелно уживање. Но за другите детали следува поопширно објаснување во наредниот текст.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.