Последниве неколку месеци се многу возбудливи и интересни барем за една работа која ме натера привремено да прекинам со пишување за книги, филмови, серии, видео игри итн. од областа на научната фантастика, фантазијата и хоророт. Таа работа е вештачката интелигенција. Да, веќе имав еден текст поврзан со вештачката интелигенција кој се однесува на способноста на вештачката интелигенција да генерира уметнички слики. Овој пат темата повторно е за вештачката интелигенција која генерира слики, но со еден мал пресврт благодарение на нас, кои како творци на уметност и В.И. и тоа како сме активно вмешани. Како што последниот пат пишував за Midjourney и резултатите кои ги остварува, така и ова ќе се однесува на Midjourney. Па, во што е работата? Очигледно е дека на Midjourney, после одличниот успех на создавање на слики по реченици од песните на разно разни поп, рок, џез и останати музичари очигледно му се здосадило од генерирање на слики од стихови на било која песна (и тоа да генерира одново-наново за ист стих) и така, после добри два-три месеца на секакви потфати, Midjourney ја напушта работата на нагаѓач во светот на музичката индустрија и се сели на ново, поинтересно работно место, со загарантиран процент од вкупната заработувачка на бокс офисот, а тоа е филмската индустрија.
Сега следуваат стандардните прашања од типот – зарем веќе имаме вештачка интелигенција која прави филмови, како го прави тоа, дали самостојно изработува сценарио, снима сцени итн итн. Одговорот е, засега вообичаеното – не. Не сме до таму стигнати. Но, ние и нашата имагинација му има дадено нова работа на Midjourney. Изминатиот декемвриски месец на Фејсбук почнаа да се појавуваат фотографии на филмови кои биле снимени пред 30-40 години, а и многу порано од тоа, со краток опис дека фотографиите се слики од филмови кои не успеале да се појават пред кино салите, иако веќе биле снимени, со целосно завршена продукција, но холивудското студио кое ги дало парите за снимање, на крај се одлучило да не даде зелено светло за последниот чекор бидејќи финалниот изглед бил катастрофален и буквално изеден од своите амбиции, па затоа конечниот прекин на проектот е најмалото од двете зла. Она што е настанато како еден вид на лажен found footage си има најдено верна публика и во последно време имаме поплава на секаков вид на found footage, „што би било кога би било“ на речиси сите социјални мрежи со секакви резултати – некои се навистина добри, некои се граничат со реалното, некои со бизарното, но на крајот резултатот на нашата емотивна реакција е секогаш ист, ова е нешто што не може да не остави рамнодушни.
Во 1925 година во Вајмарска Германија се случила премиерата на The Seventh Soul, најновиот филм на Фриц Ланг, легендата на германскиот филмски експресионизам. The Seventh Soul се случува во едно кралство запоседнато од голема клетва, а нашиот херој кој првпат влегува во проколнатото кралство се запознава со оние кои преживеале за да му зборуваат за златните години, кога кралството било богато и просперитетно за сите негови жители. The Seventh Soul не бил успешен филм. Но тоа не го обесхрабрило Фриц Ланг и дефинитивно не го натерало да се откаже од снимање филмови, па овој историски еп останал во сенка на следниот филм на Ланг, научно фантастичниот спектакл Metropolis. Иако The Seventh Soul не бил на нивото на Metropolis, тој останал култен класик со посветена база на фанови, а токму овој филм го инспирирал Хидетака Мијазаки да ја направи, со помош на неговиот тим од FromSoftware, Dark Souls, првата од низа на многу видео игри кои ќе ја лансираат популарноста на самиот FromSoft и Мијазаки. Но ниту една од овие работи не е точна. The Seventh Seal никогаш не се случил, такво нешто не ни било замислено од Фриц Ланг, ако го бараме овој наслов на IMDB нема да добиеме резултати, а Dark Souls е инспириран од Berserk стрип серијалот на Кентаро Миура. Тогаш, што е со горниот клип? Видеото е на јутјуберот AI Lost Media, а по неговиот опис, овој корисник на YouTube е еден од многумината кои прават компилации на реченици во Midjourney, по што Midjourney излегува со неколку различни резултати на финални слики. Сегашниот тренд на користење на вештачка интелигенција е за замислување на филмови кои не постојат, но се направени во периодот на осумдесеттите години од минатиот век. Па така имаме фотографии од незавршениот Warhammer 40k игран филм кој е замислен како мрачна фантастика од 80тите, потоа имаме The Lord of the Rings филмска трилогија од 80тите, која наместо од Питер Џексон е реализирана од Тим Бартон со голема помош од Џим Хенсон (творецот на Мапет Шоу) и неговото студио за куклените ефекти и костимите. Она што најмногу ме импресионира и можеби е најблиску до остварување е Dead Space, култната хорор сф видео игра, која иако е од 2009 година, сепак заслужува своја филмска адаптација замислена како хорор филм од златниот период на 80тите, а кој друг би бил идеалниот режисер ако не Ридли Скот?
K1NG COBRA (креаторот на сликите за филмската адаптација на Dead Space) најверојатно го има искористено максимумот кога станува збор за правење на prompt со клучни зборови, користејќи референци од Alien, Aliens, Event Horizon, The Thing и The Mouth of Madness за да дојде до посакуваните слики, а резултатот е феноменален. Сцените од ходниците на бродот планетокршач Ишимура одично ја доловуваат атмосферата на Dead Space, иако повеќето ходници не се како ентериерот на бродот, или пак дизајнот на некроморфите, извртените суштества кои ги среќаваме во Dead Space не се баш по лик како во неостварениот филм на Ридли Скот, но да не заборавиме, клучниот збор како и секогаш кога дизајнираме преку В.И. е замислување. Денес благодарение на Midjourney можеме да замислимие милион сценарија за што би било ако би било, и токму овој тренд на филмови замислени како дела од 80тите ни создава чувство за носталгија за време кое не се случило, но копнееме кон таквото време, собирајќи ги неостварените проекти во една сопствена богата ризница, мислејќи дека овие проекти кои не се реализирани во нашиот свет се можеби остварени во друга временска линија, или друг паралелен свет, сличен на нашиот, но не ист. И додека се забавуваме со најновото нешто што ни доаѓа од Midjourney, разбирајќи ја неговата моќ да создава интересни средини, но и неговите слабости (вештачката интелигенција не е баш добра во броењето на човечките прсти, но не е само тоа), повторно мора да се доведеме во позиција да се запрашаме – што ни носи тоа во иднината? Дали сега, кога гледаме подобрени верзии на слики од вештачка интелигенција доведувајќи ги под знак прашалник кариерите на сликарите, би важело и истото и за другите уметници како режисерите, сценаристите, камерманите и другите филмски работници? Од една страна можеме да влегуваме во doom and gloom сценарија дека иднината ќе носи повеќе отпуштања отколку вработувања. Но дали технолошката револуција и нејзините промени не значат влез во бездна од која нема излез, туку напротив, да ги искористиме новитетите и свежината која ја нуди, и да гледаме на DALL-E, Midjourney и другите В.И. сајтови како корисни алатки кои можат да ни помагаат во многу полиња? На крај, секој од нас може да даде само свој одговор. Каков и да е, тој одговор е искрен, како спрема себеси, така и за надвор.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.