Како што пишував за вештачката интелигенција и дилемите кои таа ги носи, како и можната иднина со неа, така неизоставно е да пишувам и за нашите можности и за еден од нашите најголеми предизвици: дали може да се надградиме? Една од потенцијалните прогнози е дека во речиси сите можни сфери би биле заменети со вештачка интелигенција, од најтешки физички работи до работи поврзани со фините уметности. Секако, ова е предмет на многу дебати и размислувања, како кај научниците, така и кај филозофите. Па како тогаш би се покажале како достојна конкуренција за нашата креација?
Запознајте се со Трансхуманистичката партија на САД. Иако во САД претежно доминираат две партии – Републиканската и Демократската, американскиот устав дозволува формирање и дејствување на повеќе партии, па меѓу нив се наоѓа и една многу малку позната партија – партијата на трансхуманистите. Основана во 2014 година од Золтан Иштван, оваа партија која звучи како име извадено од сај-фај серија исто како и името на нејзиниот основач како очигледен негативец, првенствено се занимава со теми за технолошкиот напредок, интегрирањето на технологијата во човекот што може да доведе до негово надградување и развој. Накратко, трансхуманизмот ги истражува идеите за постоењето на мешавината наречена човек – машина, каде луѓето преку внесување на технолошки импланти, како машинска рака или нога во случај на инвалидитет или користење на компјутерска технологија како продолжение на нашиот мозок ги надминуваат своите граници и го доведуваат човештвото во следниот чекор на сопствената промена и напредок. Сето ова звучи како да е произлезено од некој филм со добра имагинација, нели? Во тој случај не би сакал прерано да се даваат заклучоци.
Ова е Eyeborg, краток документарец направен специјално за промоцијата на видео играта Deus Ex: Human Revolution, предпродолжеток на легендарната Deus Ex од 2000 година. Human Revolution се појави во 2011 година каде ние сме во улогата на Адам Џенсен, шеф на обезбедувањето на Sarif Industries, со посебна мисија да ги открие сторителите на терористичкиот напад врз фирмата во која работи. Deus Ex игрите ми се можеби моите најомилени игри на сите времиња, но овој текст не е за нив и ќе си добијат свое внимание во некое идно време. Eyeborg не запознава со Роб Спенс кој го има изгубено своето десно око во вооружен напад. Наместо шуплина, Спенс се има подложено на операција каде му е вградено вештачко око кое има бежична камера. Иако ова на хартија делува кул, на крајот Спенс не може да гледа со тоа око, но самото око може да снима како вистинска камера, а снимките да се зачувуваат како и секој друг видео материјал. Во овој мини документарец Роб Спенс се запознава со други луѓе кои имаат доживеано своја несреќа која резултирала со загуба на дел од телото, но таа загуба е надмината благодарение на технологијата, а луѓето кои веќе живеат со интегрирана технологија ни се претежно познати под зборот киборг кој означува битие кое има и органски и машински делови од своето тело. Мал забавен факт – покрај Eyeborg овде морам да ја постирам и рекламата на Square Enix (поранешниот издавач на Eidos Montreala, студиото кое ја има правено Human Revolution) за промоција на Deus Ex: Human Revolution, каде различни ликови се заблагодаруваат на Sarif Industries за бионичките делови со кои ги имаат заменето своите претходни органски делови за да имаат подобар перформанс, да фрлаат топки на подолго растојание или да фотографираат сцени со очи а да немаат потреба од камера. Промото дава добра доза на реализам, иако добро знаеме дека оваа реклама не е вистинска, бидејќи добро се приметува дека бионичките човечки делови се само компјутерски ефекти, а Sarif Industries, фирмата која произведува вештачки делови е непостоечка. Тоа сепак не го спречи британски The Sun, еден од најголемите британски весници да направи голема вест за овој настан сметајќи го за вистинит.
Иако Sarif Industires и нејзиниот директор Дејвид Сариф се само плод на имагинација на сценаристите кај Eidos, Open Bionics и Тили Локи се спротивноста. Open Bionics е британска фирма за производство на бионички протетики. Тили Локи е девојче кое својот живот го поминува со изгубени раце поради менингитис кој и се појавил кога била новороденче. Иако и се обезбедени вештачки раце со помош на британското државно здравство, тие вештачки раце се покажуваат како многу крути и рудиментарни, по што родителите на Тили бараат помош на други места, често барајќи податоци за фирми кои се специјализираат во 3D принтање на објекти. Така Тили и нејзините родители доаѓаат во контакт со Open Bionics, кои веќе подолго време бараат волонтери со ампутирани раце под лактот за да можат да испробаат нови генерации на вештачки раце. Во конкретниот случај вештачката рака би одговарала по големина, дебелина на прсти и тежина на корисникот, во смисол лицето да израснало со вештачката рака како да е негова од раѓање. Затоа после серија на испитувања Тили е во состојба каде може да користи лажица, виљушка, да подигнува чаша или топка без проблем, каде вештачката рака е добро поврзана со нејзиното тело за да ги извршува наредбите од умот со тоа што настануваат мали задоцнувања на релацијата ум-рака, за што веќе се вршат тестирања за целосно решавање на овој проблем. Успешниот проект на Open Bionics сега се вика Hero Arm (херојска рака) каде компанијата произведува модели на бионички раце за многу луѓе кои ја имаат ситуацијата на Тили, со тоа што секој нарачател може да побара изработка на рака со дизајн и бои кои се со мотиф на суперхерои и ликови од популарни франшизи како Iron Man и Star Wars.
Ова е само пример во морето на технолошки проекти кои се одвиваат во денешницата. Open Bionics се пионери на полето за давање помош на луѓе кои се борат со вршење на основни функции. И додека постои ентузијазам и возбуденост за она што може да не очекува во иднината каде може да се пошегуваме дека сево ова е еден вид на бета тестирање за иднината, стравот за „но што ако“ и „дали ова има цена“ се наша неизбежност со која човештвото мора да се соочи, а тоа е комплексна тема која своето продолжение ќе го види во наредниот текст.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.