Пред нешто повеќе од десет години, на сега веќе непостоечкиот ТВ канал Макспот се вртеше една емисија за видео игри, која се викаше едноставно „Емисијата за игрици“. Немаше нешто посебно за оваа емисија, освен да се емитуваат трејлери за видео игри кои во тоа време беа дел од таканаречената златна генерација на видео игри. Во една епизода се емитуваше трејлер со, за тоа време, ниво на кинематографски квалитет, каде еден човек со долга бела коса, бледа кожа и мачешки очи се бори со еден монструозен sвер со тело на горила без влакна, долга црвена коса и муцка полна со шилести заби. После долгата и напорна борба, се гледа дека бледоликиот човек излегува како победник, но за влакно избегнува смрт. Како што последната сцена се губи во мракот, така на екранот се појавуваат големи црвени букви кои го даваат насловот The Witcher на полското студио CD Projetk Red, прв од низата на игри со тоа име кое ќе добие два свои продолженија и се меѓу најуспешните видео игри во последните неколку години. Она што многумина од нас не го знаеја, а го дознавме подоцна е дека овој серијал на видео игри имал своја играна верзија во вид на полската ТВ серијата Hexer, а ТВ серијата била базирана на книжевниот серијал за сагата на Вештерот од полскиот писател Андреј Сапковски. Досега имаме добиено неколку стрип серии, како и три сезони на нова Witcher серија на Нетфликс со Хенри Кавил како Гералт. Ова се чини како голема и успешна франшиза со многу адаптации, зарем не? Сепак, подобро е фокусот овде да биде попрецизен и да се однесува моментално на почетоците на авантурите на Гералт во вид на кратки раскази.
Кога се зборува за полски автори, обично популарноста ја имаат писатели како Хенрик Сјенкевич или Витолд Гомбрович, чии дела припаѓаат повеќе на драмската и историската фикција, но кон крајот на осумдесеттите години од ланскиот век, еден млад автор добива една несекојдневна шанса да се докаже со еден краток расказ објавен во списанието Фантастика во 1986 година. Расказот се вика Гласот на разумот и е првиот расказ каде се појавува Гералт од Ривија, професионален ловец на чудовишта, или Вештер (полскиот оригинал е wiedzmin/вјеџмин). Расказот стекнал неверојатна популарност кај домашната читателска публика, а детето го „гњавело“ својот татко да напише уште приказни со овој лик. Сапковски подлегнал на притисокот на своето семејство и читателите и продолжил со своето творештво, кое резултирало со две комплетни збирки на кратки раскази и пет романи кои опфаќаат една главна приказна од големи, епски размери. Со оглед на обемноста на книжевниот материјал, во иднина ќе има и други текстови кои ќе се нафаќаат за различни приказни од секојдневието на Гералт, а засега овој текст нека биде за Гласот на разумот и поставеноста на овој универзум на Сапковски. Пред да продолжам, можеби зборот вештер не е соодветен како превод на македонски. Вештер асоцира на машката верзија на вештерка, личност која се занимава со магија и клетви, но за волја на вистината, и Гералт се занимава со магии и клетви на поинакво ниво. Патем, повеќето словенски преводи на Wiedzmin го ставаат како Zaklinac (Заклинач) на чешки, како некој кој што се занимава со заклињалица, стар српски збор за вештина со магии. Српскиот превод на Wiedzmin од друга страна е Vestac (Вештац). И додека се расправаме за точноста на поимите, нема да дознаеме каков поим би бил најточен и најсоодветен за нас со оглед на тоа што немаме македонски превод на книгите, па дотогаш ќе користам слободен превод.
Сите настани во Wiedzmin се одвиваат во свет на Континентот (нема друго име, туку само се вика Континент). На Континентот има различни феудални кралства на Луѓето, но има и места кои се во владеење на Елфите и Џуџињата. Овие раси не се гледаат баш добро очи в очи и живеат во една тензична состојба, со навестување на одвивање на односите во понадолна линија. Но расите на Луѓето, Елфите и Џуџињата не се единствените кои го делат просторот. На Континентот живеат и различни суштества кои не се дел од еко системот на овој свет, бидејќи пред илјадници години од настаните во книгите се случува еден натприроден настан кој се нарекува Спојување на сферите – настан каде на светот се отвораат портали од други димензии и од тие портали излегуваат разно разни чудовишта и појави сосема непознати за жителите на Континентот. Тероризирањето на дојденците ги принудило волшебниците на Континентот, носители на моќни магии да најдат соодветно решение за чумите и траумите на новите душмани, па преку серии на тајни тестови и експерименти наоѓаат решение во вид на Вештери. Вештерите се луѓе кои од мала возраст се носат во посебни тврдини за обука со меч. После исцрпувачките тренинзи следува тестот на тревките, каде регрутите пијат мистериозни напивки. Повеќето умираат за време на тој тест, но оние кои преживуваат стекнуваат натчовечка агилност и движење. Женски лица не смеат да бидат регрутирани бидејќи постои стопостотна смртност при тестот на тревките.
По завршувањето на сите можни испитувања и тестирања, новите Вештери одат на Патот, каде имаат должност кон Луѓето и Нелуѓето да убиваат чудовишта и да отстрануваат клетви. Па ако нечии полиња забрзано се сушат, или деца мистериозно исчезнуваат, или се слушаат морничави звуци во некоја напуштена куќа, тогаш најдобро е да се ангажира Вештер. Секако, Вештерите не работат бесплатно па затоа нарачателот мора добро да го одврзе кесето со златници. Додуша, нарачателот може и да не си ја исполни обрвската од договоренот, па во тој случај работите би можеле да тргнат низбрдо. Сега кога имаме јасна поставеност на работите во Вештерверзумот, приказната во Гласот на разумот започнува со една кафанска тепачка во која е вмешан Гералт, не по своја вина, туку испровоциран од локалните грубијани. После тепачката во која тој нормално излегува како победник за потоа да биде приведен во затвор, подоцна е помилуван од Фолтест, кралот на Темерија под услов Гералт да прифати работа за кралот која мора да се држи под стриктна тајност.
Имено, кралот Фолтест има ќерка која починала пред околу осумнаесет години. Само што, во последно време стигнале информации до кралските уши дека таа се издигнала од гробот како Стрига – проколнато суштество кое излегува во мракот, гладна по човечко месо, повлекувајќи се во кралската гробница пред излезот на првите сончеви зраци. Гералт ја прифаќа работата, свесен дека ниту еден Вештер не излегол како победник кога се соочувал со Стрига, освен во ситуации кои сега се толкуваат како вештерски легенди. Полека се нафаќа за работата, чистејќи го својот сребрен меч (ладните оружја со сребро имаат многу подобар ефект на ранување на чудовишта), пиејќи ги соодветните алхемиски напитоци кои му даваат посебна предност во борба и подготвувајќи ги магиските знаци кои можат да му го спасат животот во моменти каде милисекунди го разделуваат животот од смртта. И како што се наближува клучниот час, Гералт се прашува себеси, дали оваа појава е работа на случајност, или ова е добро подготвена клетва упатена од некого со јасни мотиви. Ако е тоа второто, прашањето е кој?
Во срцето на сагата на Гералт има два дела кои даваат уникатност на раскажувачкото творештво на Сапковски. Првиот е за самиот Гералт. Иако е човек, тој не е така гледан од останатите луѓе токму поради неговата посебност поради која станал Вештер. Поради мистериозноста на тестирањата, Вештерите од перспективата на луѓето се гледаат како некаква појава на неугодност, како неприродна појава која е непожелна, но луѓето мораат да го трпат Гералт бидејќи тој е вистинскиот човек за средување на проблемите. Од друга страна Гералт полека стекнува искуство на својот Пат за подобро да ги разбере луѓето како посебни индивидуи и како заедници, доаѓајќи до заклучокот дека во неговиот свет не постои страна на добро и зло, туку само страни на нијанси на зло, помало и поголемо, оставен да бира помеѓу двете зла и кое носи со себе помалку отров како последица.
Поради тоа Гералт често ја има својата мантра дека доколку биде оставен со избор помеѓу две зла, тогаш избира да не избира, односно да каже не на двете страни, иако тоа носи со себе нови, неочекувани последици. Колкава е цената на неутралноста? Тоа не носи во вториот дел кој го комплетира Гералт, а тоа е дека во суштина, приказните од Вештерверзумот (мноштвото) се директно инспирирани од детективските „hardboiled“ романи на Дашиел Хамет, Џејмс Кејн и Рејмонд Чендлер. Гералт не е херојски витез или крал кој излегол од страниците на херојската фантастика, не е ни приврзан за Елрик од Мелнибон, анти херојски фантазиски лик на Мајкл Муркок од кој Сапковски позајмил многу работи, но сепак Гералт е Филип Марлоу во улогата на средновековен детектив, секогаш на периферијата на општествените работи за да биде вовлечен во случај кој треба да го реши, чие откривање остава простор за многу дебати за добрината и намерите на засегнатите страни, завршувајќи со епилог во кој Гералт не сака да остави свој коментар за разврската бидејќи не е важно зошто се случило тоа што се случило. Важно е кој го сторил делото, и на крајот на денот, детективот Гералт се повлекува во тишината на местото каде што престојува, за потоа пак да се врати на Патот и да најде и реши нов случај. Којзнае, можеби на следниот случај би добил доволна компензација за да земе подобри чизми. Затоа и крајот на Гласот на разумот го оставам на вас, за како со секоја детективска приказна и вие стигнете до затворањето на случајот со Стригата.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.