На тема „Поларизација“, на 21 април, четврток, во „Јавна соба“ ќе се отвори четвртата по ред изложба за визуелни уметности на „Скала магазин“.
Оттаму информираат дека на конкурсот на тема „Поларизација“ пристигнале 67 дела од различни медиуми, од вкупно 39 автори.
Изложбата ќе се отвори во 20 часот.
Делата ги селектирала Гордана Вренцоска, која е и претседателка на жири-комисијата во која учествувале Дејан Џолев и Андреј Павлов.
„Поларизација на светлината. Осцилации. Вибрации. Елиптичнa. Линеарнa. Кружнa поларизација. Светлосни бранови. Електрична поларизација. Негативни јони – позитивни јони. Поларизација или разгранување на две страни. Црно – бело. Јужен Пол – Северен Пол. Политичка поларизација. Леви – десни. Либерали – конвервативни. Националисти – космополити. Демократија – автократија. Општествена поларизација. Дихотомија, дуализам, поделеност на богати и сиромашни. Религиозни – секуларни. Ваксери – антиваксери. Наши и ваши. Драчево – Ѓорче Петров“, вака од „Скала магазин“ ја објаснуваат темата која ги сплотува претставените дела.
На изложбата ќе бидат претставени дела од 25 автори, меѓу кои и Ана В’чкова, АнаМарија Мишачковска, Бојан Стојкоски, Благојче Бане Наумоски, Бурџу Мусли, Вања Кашавелска, Вероника Петрова, Викторија Поповска, Владимир Илиевски, Дамјан Ристевски, Душко Ичев и други.
Во рамки на изложбата свој диџеј сет ќе има и Александар Митриќ.