Полиција, апсења и закани – Ќе има ли референдум за независност во Каталонија?

„Нема да се случи“, инсистира шпанскиот премиер, додека за лидерите на Каталонија кои се трудат да го организираат референдумот во недела за независност од Шпанија, неговите зборови стануваат се потешки за спротиставување.

„Мозокот“ на референдумот кој треба да се одржи на 1 октомври, економското министерство на Каталонија, беше во центарот на неколку акции на шпанските безбедносни сили – воената полиција и цивилната гарда. Уапсени се 14 помлади службеници, но она што е уште позначајно, скоро 10 милиони референдумски ливчиња се запленети, додека интернет-страниците кои ги информираат Каталонците за референдумот се затворени.

Владата во овој северо-источен шпански регион признава дека нивните логистички напори за организација на референдумот се сериозно попречени, но, сепак одбиваат да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд на Шпанија која го суспендираше гласањето, пишува ББЦ.

Полицијата во центарот на пресметката

Шпанскиот министер за внатрешни работи обезбеди три траекти за да смести дополнителни безбедносни контингенти кои се испратени во регионот, бидејќи борбата за превласт ја надминало контролата од страна на регионалната полиција на Каталонија.

Главниот обвинител на Каталонија, наредил на регионалните полициски сили да ја прифатат командата на шпанската цивилна гарда за да се координираат во напорите да се соберат дополнителни докази за плановите да се спроведе нелегален референдум, како и да спречат тој да се одржи.

Постери кои референдумот го најавуваат како бокс меч меѓу Рахој и Пуигдемонт

Сепак, шефот на каталонската полиција, градоначалникот Жосеп Луис Траперо, одбива да ја прифати наредбата. Во меѓувреме, каталонскиот претседател Карлес Пуигдемонт, напорите на Шпанската власт да го спречи референдумот ги нарече „практики достојни на тоталитарна држава“.

Ќе се одржи ли референдумот?

Пуигдемонт инсистира дека референдумот ќе се одржи. Откако милиони гласачки ливчиња беа запленети, активистите во текот на викендот донесоа печатачи на улиците за да отпечатат нови.

Премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, се обрати преку официјален говор до властите во Каталонија да не го одржуваат референдумот:

„Овој нелегален план на отцепуцање нема место во демократска држава, како што е нашата, во која владее правото“, рекол Рахој.

Еден од траектите каде ќе биде сместена цивилната гарда

Сепак, извори на ББЦ од шпанскиот владин кабинет изјавиле дека очекуваат да се одржи „разводнет“ референдум. Владата стравува од можност за насилство доколку приврзаниците на референдумот се противат на полициските напори да ги блокираат гласачките места.

Што доколку Шпанија не може да го сопре?

Освен мерките кои беа преземени преку судскиот систем, шпанските власти на располагање имаат дополнително правни „оружја“ на располагање, доколку Пуигдемонт и неговите соработници одбијат да се повлечат.

Јавниот обвинител, кој е назначен од шпанската влада, Хозе Мануел Маза, во понеделникот навести дека е можно да Пуигдемонт да биде уапсен и обвинет за граѓанска непослушност, злоупотреба на власт и злоупотреба на буџетски средства.

Одредба во шпанскиот устав овозможува на владата да побара од сенатот дозвола да употребува „неопходни средства“ за да обезбеди дека секоја од 17-те автономни региони, како што е и Каталонија, го следат државниот правен поредок.

Непрецизниот текст на членот 155 од Уставот и фактот што тој никогаш претходно не бил искористен, значи дека можно е шпанската да ја укине каталонската влада и дури и регионалниот парламент, доколку Пуигдемон избере да продолжи со процедурата и да прогласи независност во случај на успешен референдум со мнозинство гласови „за“.

Каталонскиот претседател најави дека доколку референдумот успее, тој веднаш во понеделник ќе влезе во дијалог со Шпанија и ЕУ, иако тој инсистираше дека патот до целосен суверенитет ќе се движи без оглед на сè.

Неофицијално, извори од властите во Каталонија, признаваат дека излезност пониска од 50%, на регионот кој има 5,5 милиони гласачи, ќе ги принуди да размислат дали би преземале понатамошни чекори.

Пуигдемонт и другите членови на каталонската влада веќе соопштија дека ќе ги игнорираат сите судски пресуди кои би ги суспендирале од нивните функции.

Од 2 октомври може да се случи проблематична ситуација, во која две праавни реалности би коегзистирале во Каталонија – Шпанија да ги укине овластувањата на регионалните власти, додека каталонските власти преку парламентот во Барселона би гласале за отцепување.

Што мисли остатокот од Шпанија?

Левичарите, од партиите како Подемос, и националистите од другите региони како Баскија, притискаат за реформи кои би овозможиле легален референдум од ваков тип.

Но, двете најголеми шпански партии – Народната партија на премиерот Рахој и социјалистичката ПСОЕ, не се согласуваат со барањата регионите да можат да одржат легален референдум за независност од Шпанија.

Анти-каталонско чувство можеби е во пораст помеѓу Шпанците. Полициските контингенти кои биле испраќани во Каталонија добивале пораки на охрабрување од насобраните луѓе со повици „Покажете им!“

Има ли излез?

За прв пат откако е премиер од 2011 година, Маријано Рахој почна да се сложува кон ревизија на шпанскиот систем на регионални власти, отворајќи можност за уставни реформи. Конгресот се сложи да формира комитет кој ќе работи на реформски иницијативи.

Но, промена на системот во кој повторно не би се оставил можност за правен излез од Шпанија би било тешко да помине кај регионалните политичари од националистичката коалиција кои се во моментов на власт. Движењата за независност ја демонстрираа својата моќ во последните години, со масовни маршеви во Барселона.