Полицијата во Турција и Мексико употреби солзавец врз демонстрантите кои бараа ставање крај на насилството врз жените.
Полицијата во Истанбул се судри со граѓаните, додека слични ситуации можеа а се забележат и во главниот град на Мексико, откако илјадници демонстранти маршираа за да го одбележат Меѓународниот ден за борбата против насилство врз жените.
Демонстрациите во Турција се организираа на Плоштадот Таксим и доаѓаат само неколку месеци откако Турција се повлече од Истанбулската конвенција – меѓународниот договор за заштита на жените.
Многу од демонстрантите можеа да се забележат како носат транспаренти со повици за оставка на владата поради повлекувањето од Конвенцијата.
Дел од членовите на партијата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, сметаа дека овој договор бил недоследен со турските традиционални вредности. Ердоган изјави дека Турција ќе го користи домашното законодавство за заштита на жените.
„Жените се убиваат. Тие се убиваат јавно. Од јуни започнавме да се повлекуваме од гаранциите кои не штитеа. Не го прифаќаме тоа и ќе продолжиме да се бориме“, изјавила една од учесниците на протестот за Ројтерс.
Според организациите за човекови права во Турција, 345 жени се убиени оваа година.
Со извици „Ниту една помалку“ групата во Мексико Сити побара крај на фемицидот – убиството на жени поради нејзиниот род. Според Амнести Интернешнал, најмалку 10 жени и девојки се убиваат секој ден во оваа латиноамериканска држава.
Некои маскирани граѓани фрлаа со шишиња, камења и бакли кон полицијата. 17 луѓе, меѓу нив и 10 жени полициски службенички биле повредени во маршот, потврдија од полицијата.
Протести против насилството врз жените се одржаа низ целиот свет. Стотици луѓе маршираа и на улиците во Барселона, Париз и Лондон.