Турската полиција се судри со граѓаните кои вчера протестираа околу главниот плоштад „Таксим“ во Истанбул и 170 луѓе беа приведени откако се собраа на годишнината на националните анти-владини демонстрации кои започнаа пред девет години во паркот Гези, кој се наоѓа во близина.
Протестите од 2013 година беа најголеми во текот на власта на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој демонстрантите ги поистовети со курдските милитанти и оние обвинети за организирање на неуспешниот пуч во 2016 година.
Турскиот суд осуди осум лица на затворски казни минатиот месец, меѓу кои и филантропот Осман Кавала. Тие беа прогласени за виновни за организација и финансирање на таканаречените „Гези протести“. Обвинетите негираа дека сториле такво нешто, објаснувајќи дека анти-владините демонстрации се случиле спонтано на национално ниво и биле под уставна заштита.
Околу 1.000 луѓе се собраа на улиците синоќа носејќи слики од осудените за овој случај, како и од загинатите при полициската интервенција во 2013 година. Демонстрантите истакнаа и транспарент на кој пишуваше „Темнината ќе си замине, Гези ќе остане“.
Собирот беше блокиран од полиција која носеше штитови, а безбедносните сили употребија и солзавец за да ги растераат граѓаните.
„Ердоган ќе си оди. Нема друг излез“, извикуваа демонстрантите.
Претходно помала група луѓе се судри со полицијата во други места околу „Таксим“ додека се обидуваа да пристапат до плоштадот. На социјалните мрежи можеа да се видат луѓе како се кријат во зграда откако врз нив бил фрлен солзавец.
Западните сојузници на Турција, невладините и Европскиот суд за човекови права ја карактеризираа судската одлука за „Гези протестите“ како „политички мотивирана“ и како средство за заплашување на противниците на Ердоган.