Полицијата викендов издала 3.142 платни налози за сообраќајни прекршоци – 247 лица возеле без возачка дозвола

Вкупно 3.142 патни налози за сторени сообраќајни прекршоци по различни основи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила биле издадени во периодот од 14 до 16 февруари, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму посочија дека полициските службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност на МВР и во текот на изминатиот викенд продолжиле со засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава и посочија дека од издадени платни налози, наплатени биле 1.314.

„Според статистичките показатели прекршоците по основ на пречекорување на брзината на движење убедливо предничат така што евидентирани се вкупно 1.498 прекршоци, во споредба со 535 издадени платни налози по основ на непрописно паркирање. Воедно, што е особено важно за анализа е фактот што за викендот зголемен е бројот на откриени возачи што управувале возило без возачка дозвола – 247, како и возачи кои што управувале возила под дејство на алкохол-111. Покрај ова изречени се и 153 платни налози по основ на некористење сигурносен појас, потоа 56 – по основ на говорење на мобилен телефон при возење, откриени се и 58 нерегистрирани возила кои што учествувале во сообраќајот“, посочија од МВР.

Инаку за викендов, поточно вчера, недела, особено внимание, преку соодветен претходно подготвен план за постапување, било посветено на контролата на правилата за почитување на пропишаната брзина на движење, и следствено резултатите од тие радарски контроли на територијата на државата биле евидентирани 429 возачи кои ја пречекориле брзината на движење надвор од населено место, и 488 возачи кои што ја пречекориле брзината на движење во населено место.

„Како епилог на тоа издадени се 870 платни налози и 47 писмени опомени. Исто така во текот на викендов низ патиштата во земјава се случиле една сообраќајна несреќа во која што едно лице го загубило животот, како и други четири сообраќајни несреќи во кои што шест лица се здобиле со тешки телесни повреди (двајца возачи, двајца сопатници, еден мотоциклист и еден пешак)“, соопштија од МВР.