Забраната за движење надвор, или т.н. полицискиот час од уре се намалува за еден час и ќе важи од 21 до 5 часот наутро. Притоа, се зголемува времетраењето на полицискиот час за граѓаните над 67 години, и ќе трае од 11 часот, па се до 5 часот следниот ден. Ова се новите одлуки кои ги донесе денеска владата, при што се ограничи и движењето на младите под 18 години.
„Владата на вечерашната седница донесе уште една одлука за ограничување на движењето на младите до 18 години и за нив забраната за движење ќе започнува во 21 часот и ќе трае до 12 часот наредниот ден. Новите одлуки за ограничување на движењето ќе важат од 24 март 2020 година“, соопштуваат оттаму.
Од забраната се исклучуваат лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица кои се наоѓаат во животозагрозувачка состојба и лица на дијализа, но исклучиво во придружба на најмногу две лица. Исто така, Министерството за информатичко општество и администрација обезбедува дневни дозволи за работа после 21 часот за органи на државната власт, кризни штабови, медиуми, погребални претпријатија и пекари/бурекџилници, додека за приватните фирми, дозволи обезбедуваат работодавачите.
Вчера на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски соопшти дека била донесена одлука за воведување на најрадикални мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот и да се заштити здравјето на граѓаните.
Досега во државава се регистрирани 136 пациенти заразени со коронавирус. Од нив две лица починаа, а едно е излекувано.
Полицискиот час кој беше воведен вчера првично важеше за сите граѓани, од 21 до 6 часот наутро.
МВР: 18 приведени и 74 опоменати лица во првата ноќ од полицискиот час