Руската полиција изврши рации во повеќе геј клубови и барови низ Москва само 48 часа откако Врховниот суд го забрани меѓународното ЛГБТК+ движење како „екстремистичка организација“.
Полицијата вршела претреси низ локалите во рускиот главен град, вклучително и во дискотеки, машки сауни и бар кој организирал ЛГБТК+ забави. Локалните медиуми јавија дека повод за ваквите акции, според полицијата, било претрес за дрога.
Очевидци за медиумите велат дека на посетителите им биле проверувани и фотографирани личните документи од страна на безбедносните служби.
Овие рации следат по одлуката на рускиот Врховен суд да го етикетира ЛГБТК+ движењето како екстремистичко.
Одлуката, која доаѓа по тужба поднесена од Министерството за правда, е последниот чекор во повеќегодишниот прогон на ЛГБТК+ заедницата под власт на претседателот Владимир Путин, кој постојано ги нагласува „традиционалните семејни вредности“ при неговото 24-годишно владеење.
Активистите тврдат дека тужбата била покрената против движење кое не е официјална организација и дека под таквата збунувачка дефиниција властите можат да се пресметаат со било какви поединци или групи за кои сметаат дека се дел од таквото движење.
По одлуката на Судот неколку ЛГБТК+ објекти веќе престанаа со работа, меѓу кои и геј клубот „Централна Станица“ во Санкт Петерсбург.