Политичката комуникација и медиумското известување – одраз на зрелоста на едно општество

Штетните наративи во политичката комуникација создаваат токсична јавна сфера и придонесуваат кон продлабочување на поделбите и поттикнуваат нетолеранција. Демократска обврска е политичарите да работат на деполаризирање на јавниот дискурс, a комплексните прашања важни за општеството да ги решаваат преку дијалог, наместо преку популизам, напади на лична основа и поткопување на довербата во институциите.

Од друга страна, медиумите имаат одговорност кон јавноста која вклучува и обврска да избегнуваат креирање штетни наративи, но и да го оневозможат ширењето на штетните наративи кои ги произведуваат политичките актери. Одговорното новинарство мора да го постави јавниот интерес како приоритет, спротивставувајќи се на манипулативните практики со критичка анализа и професионални стандарди.

Ова се дел од препораките на публикацијата „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“, која беше промовирана на панел-дискусијата која се одржа во Скопје.

На дискусијата учествуваа голем број политички актери, новинари и медиумски експерти кои дискутираа за последиците од токсичната реторика врз јавниот дискурс.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која го отвори настанот истакна дека штетните наративи не се својствени само во анализираниот деветмесечен период, туку дека се одлика во политичката комуникација години наназад. Таа посочи дека најмногу ја загрижуваат ад хоминем – нападите со кои целосно се дискредитираа политичарот од спротивниот табор.

Штетните наративи имаат задача да манипулираат со емоциите, да поттикнат  страв и чувство на небезбедност. Ја убива надежта и затоа не треба да се чудиме за иселувањето на луѓето. Граѓаните се прашуваат: До кога ќе живееме во целосно поделено општество?

Водичот е финале на големото истражување „Мерење на политичките штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), спроведено од Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со голем број истражувачи и експерти од областа на комуникациите и на медиумите, новинари и медиумски професионалци. Тој има цел да ги претстави и објасни штетните наративи во македонскиот политички дискурс, користејќи различни студии на случај кои беа детектирани за време на деветмесечниот мониторинг. Во публикацијата детално се анализираат вкупно шеснаесет политички штетни наративи, се сублимираат согледувањата за прекршување на стандардите и начелата на политичката комуникација и медиумското известување, но истовремено се нудат и препораки наменети за политичките актери и за новинарите.

Еден од авторите на публикацијата, медиумскиот аналитичар, Михајло Лахтов подвлече дека овој Водич има за цел да ја истакне важноста на транспарентната и одговорна политичка комуникација, почитувањето на политичките соперници и различните мислења, како и негувањето култура на дебата заснована на аргументи.

„Од друга страна, медиумите не смеат да бидат само пасивни пренесувачи на политичките изјави, туку активни посредници кои ги анализираат и критички ги преиспитуваат изјавите на политичките актери. Некритичкиот пристап ги остава граѓаните без потребниот контекст и без разбирање на сложеноста на темите, што влијае на нивната информираност“, рече Лахтов.

Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, новинарството не треба да биде реакција на политичката агенда, туку двигател на вистинските прашања.

„Слободата на говор мора да се штити, но не смее да биде параван за говор на омрази и дискриминација. Медиумите не смеат да бидат мегафони на политичките актери, нивна задача е да проверуваат, анализираат и да контекстуализираат“, рече Чадиковски.

Политичарите кои присуствуваа на дебатата се согласија дека штетните наративи  се најприсутни во предизборието, но не се оптимисти дека ситуацијата може да се промени пред локалните избори оваа година.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на коалицијата „Твоја Македонија“ и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека политичарите ги користат и ќе ги користат сите алатки за да ги постигнат своите цели.

„Медиумите се тие кои треба да помогнат штетниот наратив да го сведеме на минимум и сите треба да работиме за подобрување на оваа состојба“, истакна Мицевски.

Од друга страна, координаторот на пратеничката група на коалицијата „За европска Македонија“ и пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски, кажа дека резултатите од Истражувањето не треба да не изненадува зашто штетниот говор е наше секојдневие.

„Дали политичарите се свесни дека употребуваат ваков говор – мислам да, зашто најголем дел од нив свесно користат штетни наративи и ќе ги користат сè додека гледаат бенефит од нив. Резултатите од Истражувањето не треба да се негираат туку да се согледа реалноста како да го пресечеме Гордиевиот јазок“, истакна тој.

Координаторот на пратеничката група на Вреди и пратеник од Алијанса на Албанците, Халил Снопче, рече дека политичарите ќе го користат штетниот наратив сè додека тој им го подобрува политичкиот рејтинг. Сепак, апелираше „политичарите да се однесуваат како политички противници, но да не бидат противници како луѓе“.

Како заклучок од денешната дебата може да се извлече дека одговорноста за штетните наративи е споделена, односно дека политичарите, медиумите и граѓаните колективно го креираат јавниот говор и истовремено можат да го променат.

За сето тоа е клучна соработката, односно граѓанскиот сектор, медиумите и политичарите мора да соработуваат и покрај политичките разлики, почитта и човечноста не треба да бидат жртви во политичката битка.

Истражувањето ШТЕТ-НА и водичот „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“ се дел од проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.