Рес Публика почнува со објава на серијал текстови „Политички профили на претседателските кандидати“. Во рамки на серијалот, во наредните четири денови ќе бидат објавени блогови за секој од кандидатите на претстојните претседателски избори – проф. д-р Блерим Река, проф. д-р Стево Пендаровски, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова како и блог за потребата од независност за успешно вршење на претседателската функција. Првиот блог е посветен на политичкиот профил на проф. д-р Блерим Река.
Професорот Река ја објави својата кандидатура за шеф на државата, на многу амбициозен начин и со јасна претензија дека повеќе нема да биде набљудувач и на политиката нема да и пристапи само од аспект на ставовите, туку на прагматичен начин. Меѓудругото, ќе напише „Историјата ја испишуваат државниците, додека интелектуалците само пишуваат за историјата“.
Блерим Река, во косовскиот дневен весник „Рилиндја“, каде работеше како новинар, на 25 декември 1985 година го објавил текстот со наслов „Патешествие без враќање“! Триесет и четири години подоцна, вели дека ќе оди по патот на политиката. На 28 февруари 2019 година ја објави кандидатурата за претседател на Република Северна Македонија.
Неговата кандидатура на неконвенционален начин ја објави на социјалната мрежа Фејсбук! И тоа во две објави одделно, на два јазици: албански и македонски!
Етнички кандидат за „држава за сите“
По професија правник и неколку децении професор по правни науки на универзитетите во земјата, на Косово и во регионот, Блерим Река се изјаснува против концептот на премиерот Зоран Заев „Едно општество за сите“, бидејќи го преферира политичкиот концепт „Држава за сите“ додека при објавувањето, на кандидатурата за претседател на имплицитен начин и даде етничка боја. Река се изјаснува дека „само со македонски кандидати, без ниту еден Албанец, оваа мултиетничкa држава ризикува да се претвори во моноетничко општество а Албанците да станат само гласачи, но не и оние за кои ќе се гласа“. Познат експерт и добар познавач на правото, но и на меѓународните односи, со околу дваесет објавени научни дела, Река на избирачите им се нуди како Албанец, потврдувајќи ја својата политичка позиција на непреминување на етнократскиот рубикон, кој во нашата земја е присутен од 1990-те години од минатиот век, и политички е многу профитабилен.
Во оваа насока се и неговите изјави дека очекува да освои околу 120 до 150 илјади гласови. Нема двоумење дека во овој контингент гласови, професорот Река ги пресметал етничките гласови на Албанците во Северна Македонија! И да се реализира во целост според проекциите на Река, оваа цифра ниту одблизу не се приближува до можноста за пласирање во вториот претседателски круг. Значи, и да стане реалност, таа ќе биде приближна со изборниот резултат на Мухарем Неџипи, кандитат на Демократската партија на Албанците на претседателските избори во 1999 година, кога освои 155.978 гласови и на Имер Селмани, кандидат за претседател предложен од Нова Демократија, кој освои 147.547 гласови! Затоа се поставува прашањето дали првото патешествие во политиката на Блерим Река е без надеж?
Амбасадор на ДУИ, со малку опозициски дух
Повеќе од самото кандидирање на професорот Река за претседател, изненадувачка беше поддршката која му ја дадоа двете политички партии на албанската опозиција: Алијансата на Албанците на Зијадин Села и Движењето БЕСА на Билал Касами. Двете партии не ја оставија настрана ниту својата партиска инфраструктура, туку ја мобилизираа за собирање 10 илјади потписи, потребни за објавување на кандидатурата.
Последните десет години Река беше еден од организаторите на научни конференции посветени на Охридскиот договор, поддржани од страна на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, раководен од еден од главните експоненти на ДУИ, Муса Џафери. Една од нив е тркалезната маса на тема „Дискусија околу квантитативната анализа на статусот на имплементацијата на политиките на Охридскиот договор“ која се одржа на 17 јуни 2013 година на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Многу фотографии на професорот Река покрај Муса Џафери има од научните трибини и конференции, но вистината е дека сегашниот кандидат за „прв човек“ на државата само ја понудил својата стручна и компетентна експертиза за спроведувањето на мировниот документ, без политичко навивање.
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Изет Меџити, дури ќе рече дека Река не е природен кандидат на албанската опозиција, истакнувајќи дека тој не го претставува опозицискиот дух. Меџити дури ќе каже дека ДУИ „вложил“ во господинот Река, алудирајќи јасно на фактот дека ДУИ го предложи професорот да стане амбасадор на Македонија во Европската Унија од 2006 до 2010 година.
Самиот Река признава дека во времето кога станал амбасадор, во власта биле СДСМ и ДУИ, додека премиер бил еден друг професор, Владо Бучковски. Никој не негира дека бил добар дипломат, а тоа го потврди и неговиот противкандидат од владината коалиција, Стево Пендаровски, советник за безбедност и надворешна политика на поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски.
Бекграундот на поранешниот амбасадор Река покажува дека тој бил интелектуалец и професор, без многу да ги мати водите на политиката. Од општествениот конформизам, Река ќе избега само неколку месеци, кога беше редовен аналитичар во политичките дебати на ТВ 21 „Клик плус“, во кои јасно ги изразуваше неговите критички мислења и ставови кон политиките на ДУИ. Од неговиот опозициски дух се памти жестокиот судир со лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, кого го критикуваше за неофицијализирање на албанскиот јазик како службен во државата.
Државникот, тоа сум јас!
Професорот Река ја објави својата кандидатура за шеф на државата на многу амбициозен начин и со јасна претензија дека повеќе нема да биде набљудувач и на политиката нема да и пристапи само од аспект на ставовите, туку на прагматичен начин. Ќе напише „Само интелектуалните критики – без политичко соочување, не се доволни за промена на состојбата. Тие на Фејсбук остануваат само виртуелни, додека животот е реален. И последно – историјата ја испишуваат државниците, додека интелектуалците само пишуваат за историјата“, ќе напише Река.
Блерим Река, кој го знаеме и како скопјанец од Приштина, бидејќи неговиот живот речиси на преполовен начин го поминал помеѓу Македонија и Косово, сака да пишува историја како државник! Добра идеја, иако е изразена со интонација која е повеќе од индивидуална. Река не вели како Луј 14 „Државата, тоа сум јас“, но изразува државнички амбиции, иако истакнува дека ќе се ангажира против моделот на владеење кој е базиран на култот на личноста. Долгорочно тежнее кон зацврстување на републиката или деперсонализација на државата, многу потребен концепт за мултикултурна и мултиетничка Македонија, која има слабо владеење на правото, корумпирана администрација и судство и нефункционален систем во многу сфери.
Професорот, кој во два мандати беше проректор на УЈИЕ а кој на последните избори за ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ја изгуби битката за оваа позиција од ректорот Абдулменаф Беџети, признава дека веќе нема да биде конформист и статист. Ова значи дека тој во иднина ќе биде дел од политичката сцена на земјата. Поентира кога вели дека промените во општеството се направени од донкихотите, но не признава дека на претседателските избори влегува како Дон Кихот!
д-р Сефер Тахири
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.