Честите објави на социјалните мрежи за одредени политички и социјални прашања, всушност можат да сменат нечие мислење, поточно, едно од пет, најмалку.
Ова неодамна го покажаа податоците на Истражувачкиот центар Пју, кој ја следеше улогата на социјалните медиуми за време на предизборниот циклус во Америка.
Се повеќе луѓе се свртуваат кон Фејсбук, Твитер и слични мрежи, за споделување на своите ставови со следбеници, во кои се вбројуваат пријателите од гимназија, па и далечни роднини.
Пју покажа дека 20 отсто од испитаниците велат дека социјалните медиуми го промениле нивниот став за некои политички прашања, додека 17 отсто од нив, го смениле својот став за одреден претседателски кандидат.
Според анкетата, Демократите покажале поголема веројатност да го променат својот став, отколку Републиканците.
Слично истражување на Пју спроведено во 2012 година покажа дека на 16 отсто од испитаниците ставот им се променил како резултат на нивната активност на социјалните мрежи.
Социјалните медиуми, особено Фејбук, беа критикувани за создавање на простор за политичко ехо, каде луѓето имаа тенденција да најдат информации и да се ангажираат со оние кои ги засилуваат нивните ставови, наместо да ги оспорат.
Фејсбук лани објави свое истражување кое покажа дека корисниците имаат по пет пријатели со политички ставови слични на нивните за секој пријател со спротивно мислење.
Истражувањето на Пју, пак, утврди дека луѓето биле изложени на разновидност на мислења, но дека можеби немаат толеранција за сите нив.
Иако 40 отсто од испитаниците велат дека блокирале или избришале некој од пријателите од политички причини, многумина, исто така, сметаат дека е прикажана „мешавина од верувања“ на нивниот Фејсбук (53 отсто) и Твитер (39 отсто) времеплов.
„Луѓето се фрлени во средина со мешавина од луѓе кои во многу случаи можеби не сакаат да ги слушнат нивните политички видувања, а им се појавуваат на нивните времеплови“, вели Ерон Смит, помошник-директор на Пју.
„Не знам дали може да дадеме универзален став за тоа дали ова е добро или не“, додаде тој.