Политичките партии итно да ги достават финансиските извештаи за 2024 година, предупредува ДЗР

Државниот завод за ревизија (ДЗР) укажува на потребата од итно постапување на политичките партии кои заклучно со месец март, сѐ уште не ги поднеле сите или некои од финансиските извештаи за 2024 година.

„Согласно 27-б од Законот за финансирање на политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/04, 86/08, 161/08, 96/09, 148/11, 142/12, 23/13 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 294/20) Министерот за правда по предлог на Државниот завод за ревизија донесува Одлука за запирање (суспензија) на исплатата на средствата за редовно годишно финансирање од Буџетот на Република Северна Македонија на политичките партии кои не поднеле финансиски извештаи во законски утврдените рокови, односно во случајот не поднеле Извештај од регистарот на примени донации, годишна сметка и/или годишен финансиски извештај согласно одредбите од член 25, член 26 и член 27 од истиот Закон, во случајот, за известувачката 2024 година“, наведуваат од ДЗР.

Оттаму упатуваат политичките партии итно да ги достават горенаведените финансиски извештаи, поради фактот што во спротивно, а согласно своите законски надлежности, ДЗР ќе поднесе предлог до министерот за правда за донесување Одлука за запирање на исплатата на средствата за редовно годишно финансирање од државниот буџет за 2025 година за политичките партии кои нема да ги поднесат финансиските извештаи за 2024 година.

„Со недоставување на финансиските извештаи се влијае негативно на степенот на отчетност, транспарентност и јавност во трошењето на јавните средства обезбедени од Буџетот од страна на политичките партии и се нарушува угледот на Република Северна Македонија пред мониторинг телата на Европската Унија и меѓународната заедница во целина“, потенцираат од ДЗР.