На „мака“ беа синоќа младите Тетовци бидејќи мешани патроли од полицајци и родители, во периодот од 22 до 24 часот беа во обиколка на најпосетуваните места за ноќна забава на малолетниците. Како што пренесе МИА, полициски службеници, родителите и новинарите заедно посетија неколку угостителски објекти во централното градско подрачје, претежно кафулиња, како и други локации каде најмногу навраќаат младите од Тетово.
Од полицијата очекуваат дека со овие активности ќе се подобри нивната соработка со граѓаните и медиумите и ќе има практичен придонес во намалувањето на малолетничкото претстапништво.
„Освен заедничката посета на кафулињата и другите места каде младите најчесто се забавуваат родителите на овој начин најнепосредно ќе се информираат за потенцијалните малолетнички ризици – конзумирање алкохол, учество во нарушувања на јавниот ред и мир и други социопатолошки појави кои за жал неретко се среќаваат и на поширокото тетовско подрачје“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Мешаните полициско родителски патроли ги посетија и дворот на градинката кај спортскиот центар и паркот во Ајдучко маало, како места на кои младите се собираат вон градскаат понуда на кафулиња и други угостителски објекти. Тука можеше да се забележи големо присуство на млади лица, но и поголема количина на алкохол. Дел од младите велат дека ова е единствениот начин на збогатување на можностите за ноќна забава. Родителите кои беа дел од патролата велат дека ги знаат овие состојби и оти делумно се согласуваат со нивните причини за собирање на места надвор од градската врева, но и дека не можат да се согласат со времетраењето на нивните забавувања, како и количината на испиен алкохол.
Мешаните полициско родителски патроли во Тетово се реализираат втора година по ред, а следниот викенд вакви патроли ќе поминат и низ Гостивар.