Повеќе од 1.200 матуранти точно на пладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје танцуваа квадрил. На „Матурската парада 2013“ учествуваа средношколци од вкупно 19 скопски училишта, како и матурантите од Куманово, Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга. Организаторите најавија дека и годинава планираат да го срушат рекордот во заедничко синхронизирано танцување во газлични градови низ Европа. Девојките со жолти маички, момчињата со темно сини, заедно го изиграа матурскиот танц, возбудени од она што следува по матурирањето. Некој на факултет, друг ќе бара работа, средношколските денови завршија за овие млади луѓе.
Собирањето и подготовките на матурантите за парадата почна во 9 часот. Пред официјалниот дел тие продефилираа низ центарот на Скопје. Од градскиот плоштад продолжија да се движат по кејот „13 Ноември“, пред хотелот „Холидеј ин“ и паркот „Жена борец“, а потоа поминаа и низ портата „Македонија“. Целиот настан во живо го пренесуваше екипата на радио МОФ.
Матурската парада е меѓународна манифестација која е покрената во 2001 година во Словенија. Во изминатите години учесниците од стотина градови од Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Македонија и Албанија. Во шест наврати се поставуваа рекорди. Вкупниот број на учесници на „Матурската парада” во изминатите 11 години во сите градови учесници изнесува 207.792 матуранти.
Покровители годинава се Град Скопје и Агенцијата за млади и спорт, поддржувач е Делегацијата на ЕУ во Македонија, а за организацијата се погрижија Дирекцијата за култура и уметност – Скопје и танцовиот клуб „Ритам плус“.