Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денес информира дека официјално е воспоставен Центар за жени жртви на семејно насилство во Полошкиот регион.
„Во пресрет на 16 дена активизам, Министерството како институција заедно со своите вработени е дел од бројните активности за подигање на свеста за насилството. Отворањето на центарот е уште еден голем чекор кон заштита на жените жртви на семејно насилство“, известуваат од МТСП.
Центарот за жени жртви на семејно насилство е организациона единица на Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар.
Со отворањето на првиот шелтер центар во Полошкиот регион, како што наведуваат од МТСП, Владата како потписник на Истанбулската конвенција ја обезбедува услугата за привремен престој, заштита, психо-социјална помош и поддршка за жртвите кои доживеале насилство или злоупотреба на жени жртви на насилство.
„Нужното сместување на жртвата во центарот може да трае три месеци со можност за продолжување од три месеци односно една година доколку се работи за исклучителен случај. За време на сместувањето на лицата им се нуди психо-социјална помош, поддршка и други активности. Доколку жртвата има и деца кои се сместени во центарот и кои се вклучени во воспитно-образовниот процес, стручните работници се должни да обезбедат продолжување на редовното образование на децата, економско јакнење на жртвата и нејзино активно вклучување на пазарот на трудот“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Полошкиот регион досега беше единствениот во земјава каде немаше воспоставено Центар за згрижување на жени-жртви на семејно насилство, па тие беа згрижувани во другите градови.
Во Полошкиот регион нема шелтер центар, жените жртви на насилство се згрижуваат во другите градови