Половина милион млади јапонци се изолирани од светот во својот дом

541 илјади млади во Јапонија избрале да живеат живот во изолација, скриени од општеството, според податоците од истражувањето на јапонската влада.

Феноменот, наречен „хикикомори“, е дефиниран од јапонското Министерство за здравство, труд и социјална политика како „луѓе кои седат во нивните домови шест или повеќе месеци без да одат на училиште, работа или да излегуваат за социјализација“.

Истражувањето открило дека повеќе од половина милион јапонци на возраст од 15 до 39 години живеат во изолација. Бројката е помала од процените во претходните истражувања, но луѓето кои страдаат од хикикомори сега тоа го прават во подолг период. 35 проценти од луѓето во изолација се затворени во своите домови најмалку седум години, други 29 проценти се одвоени од општеството од три до пет години, пишува Индепендент.

Забележано е и зголемен број на повозрасни кои се наоѓаат во ваква состојба. За шест години удвоен е бројот на изолирани луѓе на возраст меѓу 35 и 39 години. Сепак, тешко е да се одреди точна претстава за луѓето кои страдаат од хикикомори, поради специфичната природа на луѓето.

Ваквото однесување масовно се појавило во 90-тите години. Се уште не е класифицирано како официјално нарушување и нема препорачана терапија. Докторите веруваат дека комбинација од психолошки и културолошки влијанија е причина за потребата на младите целосно да се затворат од општеството.

Оваа состојба е многу почеста кај мажите, кои се соочуваат со големи притисоци за успех порано во нивниот живот и во училиштето и во кариерите. Состојбата е раширена најмногу кај средната класа – оние кои се изолираат често се добро образувани.

Затворените луѓе преферираат играње видео игри и читање стрипови во своите домови, наместо интеракција со други. Психолозите велат дека ваквиот живот не е последица на мрзливост.

Тамаки Саито, јапонски психолог, го објаснил живењето со оваа состојба како „измаченост од грижи“.

„Тие сакаат да одат во светот, сакаат да прават пријателства и љубовни врски, но не можат“, изјавил тој.

Феноменот не е ограничен на Јапонија. Студија од 2015 година документирала случаи на социјална изолација слична на хикикомори и во САД, Кина и Шпанија меѓу другите земји.