Речиси половина од македонските корисници, односно 44%, поминуваат 3 и повеќе часови дневно на Фејсбук, покажаа резултатите од првото сеопфатно истражување за ставовите и однесувањето на македонските корисници на оваа социјална мрежа.
Истражувањето покажало и дека 60% од корисниците сметаат дека премногу време поминуваат на социјалната мрежа, но само 22% размислуваат да се откажат од неа.
„Податоци кои ги добивме веруваме дека ќе им помогнат на компаниите, професионалците и организациите подобро да ги позиционираат своите стратегии за промоција на Фејсбук,“ појаснува Никола Спасов од агенцијата Рејтинг, која заедно со Њумедиа.мк го спроведе онлајн истражувањето.
Целосните резултати ќе бидат презентирани во рамки на AllWeb, конференцијата за интернет маркетинг и онлајн ПР што ќе се одржи на 15 овој месец во Скопје. Темата на AllWeb ќе биде интегрирани комуникации, а фокусот ќе биде ставен на интегриран маркетинг, мерење и анализа на социјални медиуми и онлајн односи со јавноста.
Конференцијата има за цел да понуди ново искуство за маркетинг менаџерите, агенциите за маркетинг и за односи со јавноста, луѓето кои обезбедуваат содржини на Интернет, студентите, но и за локалните претприемачи.