Полските власти информираа дека го одбиле обидот на мигранти да влезат во земјата на нивната источна граница со Белорусија, предупредувајќи дека уште илјадници други се упатени на истата локација.
Видеоснимките покажуваат стотици луѓе во близина на границата на која има жичана ограда кои некои од нив сакале да ја пробијат.
Полската влада свика итен кризен состанок а во текот на вчерашниот ден распоредиле 12.000 војници во пограничниот регион, пренесе Би-Би-Си.
Земјата ја обвинува Белорусија за намерно носење на мигрантите на границата, што според нив е непријателски чин. Според полското министерство за одбрана, овие лица се придружувани од белоруската полиција при нивните обиди да преминат во Полска.
Полска, Литванија и Латвија соопштија дека има голем раст на бројот на луѓе кои илегално сакаат да влезат во нивните држави од Белорусија последниве месеци. Најголем број од овие мигранти доаѓаат од Блискиот Исток и Азија.
Европската Унија го обвини белорускиот претседател, Александар Лукашенко, за предизвикување на оваа состојба како одмазда поради санкциите кон неговата земја.
Полска, пак, која беше критикувана поради одбивањето на мигранти и бегалци на нејзините граници, на ова одговори со градење на ограда од бодликава жица.
Условите за мигрантите на границата се непријателски до степен на опасни по нивниот живот, а се стравува и за нивната безбедност поради многу ниските температури во ова подрачје во текот на зимата.
Откако тие се протерани од Полска, а Белорусија одбива да ги прими назад, овие лица се наоѓаат заглавени, преморени и премрзнати во полските шуми. Неколку од нив починале од хипотермија.