Првиот споменик во чест на онлајн енциклопедијата Википедија во светот ќе биде подигнат во градот Слубице, на границата меѓу Полска и Германија. Ерменскиот вајар Михран Хакобјан бил инспириран од логото на енциклопедијата, па споменикот, висок 1.7 метри и тежок 350 килограма претставува четворица луѓе кои на рацете го држат големиот глобус на Википедија.
Споменикот стои на постамент во форма на табаци хартија, што е симбол на печатот и почит кон Гутенберг и откривањето на машината за печатење. Свеченото откривање на скулптурата ќе се случи вечерва (21 октомври), блиску до високата школа „Колегиум Полоникум“ чиј директор Кжиштоф Војчеховски е идеен татко на споменикот.
„Восхитувачки беше тоа што Полјаците како народ кој брои само 40 милиони луѓе, се до 2010 беа на четврто место по бројот на одредници на Википедија. Повеќе од нас имаа само англиската, француската и германската језична верзија“, вели Војчеховски.
Четворицата луѓе треба да претставуваат симбол на четирите јазици со најмногу обработени единици, но со оглед на тоа што во меѓувреме Шпанците, Португалците и Италијанците помасовно се вклучиле во проектот на Википедија, четворката сега ги претставува четирите страни на светот.
„Википедија има преку 30 милиони одредници, а се однесува на сите сфери од животот и не учи како да градиме знаење. Мислам дека Слубице, како погранично место во кое студираат млади од преку 40 националности, е вистинското место за таков споменик“, вели градоначалникот Томаш Чишчевич.
Википедија како проект е покрената во 2001, а денеска има 287 јазични верзии. Почетната страница на англиски јазик има преку 4.6 милиони одредници, што е трипати пообемно од најпознатата енциклопедија на англиски јазик, Британика.