По повод Месецот на полската литература, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје деновиве ќе гостуваат полски автори со кои ќе има книжевни разговори.
Првиот книжевен настан е закажан во понеделник (13 мај) со Војќех Јагелски, автор на книгата „Сите војни на Лара“. Разговорот ќе започне во 19 часот, а ќе го води проф.д-р Лидија Танушевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
На настанот му претходи (во 18.30 часот) отворањето на изложбата од студентите-учесници на конкурсот „Графика на годината“ организиран од Графичкиот факултет при Академијата за ликовни уметности во Краков.
На 16 мај (четврток) во ГБСК гостува Роксана Јенджејевска-Брубел, авторка на книгата „Расположенијата на Хиполит Колбас“. Оваа писателка за деца ќе одржи и креативна работилница во нашиот Оддел за литература за деца во 17 часот.
Настаните се со превод на македонски јазик.