Посликот претседател Андржеј Дуда најави дека ќе стави вето на двата закони кои во јавноста се гледаа како напад на независноста на судскиот систем и мешање во судството на владејачката партија кои предизвикаа големи протести ширум земјата.
Соопштувајќи ја својата одлука, Дуда за првпат зазеде страна спротивна од Јарослав Качински, лидерот на владејачката Партија на правото и правдата. Дуда е близок соработник со оваа партија и ја поддржуваше нивната агенда од неговото доаѓање на функцијата во 2015-та година.
Дуда изјавил дека ќе стави вето на два од трите закони кои беа изгласани од пратениците. Еден од нив беше ставањето на врховниот суд под политичка контрола на владејачката партија – давајќи му овластувања на Министерот за правда, кој истовремено е и Јавен обвинител, моќ да назначува судии.
„Решив законот да го вратам назад во долниот дом на парламентот, што значи дека ќе ставам вето на законот за врховниот суд, како и за законот за Националниот судски совет“, рекол Дуда по повеќедневните улични протести.
Полската злота, порасна во однос на еврото, што претставува знак дека инвеститорите оваа одлука ја гледаат како намалување на политичкиот ризик во Полска.
„Она што го имавме не беше реформа, туку преземање на судовите. Им честитам на сите граѓани на Полска, ова е огромен успех“, изјави лидерот на парламентарната опозиција, Катарзина Лубнауер.
Синоќа на масовните протести во повеќе градови во Полска се приклучи и Лех Валеса, демократскиот симбол на земјата, лидерот на опозицијата против полската комунистичка власт и нобеловец.
73-годишниот Валеса пред демонстрантите во градот Гдањск им порача да ги искористат „сите средства“ за да ја заштитат нивната демократија.
„Нашата генерација успеа во тоа Полска да ја донесе на патеката која обезбедува поделба на власта. Не смееме да дозволиме никој да го уништи тоа“, рекол Валеса мислејќи на демократската транзиција на Полска во 80-тите години.
Илјадници демонстранти се собраа во Варшава, Краков и другите градови со повик до претседателот да го одбие законот. Повеќето демонстранти во главниот град маршираа до Врховниот суд, каде граѓаните држеа свеќи и ја пееја песната „Imagine“ од Џон Ленон.
POLAND |
Thousands in #Krakow protested yesterday the gov’t and its practices on judiciarypic.twitter.com/uPJRjYjxNR
— Vocal Europe (@thevocaleurope) July 24, 2017
Протестите во земјата се зголемуваа од 22 јули кога полскиот Сенат се одлучи да не ги следи препораките на ЕУ и да го усвои законот со кој се овозможува на политичките лидери поголема контрола врз судскиот систем.
Законот овозможуваше давање оставки на сегашните судии во Врховниот суд, освен на оние назначени од претседателот, а на претседателот му се даваат овластувања за регулација на судовите.
ЕУ лидерите го критикуваа законот поради нарушување на независноста на судството и закана за владеењето на правото.
Јарослав Качински, лидерот на Партијата на правото и правдата, тврди дека судството се уште функционира како во времето на комунизмот и во него се наоѓаат многу судии од тој период. Комунистичката власт во Полска заврши во 1989 година.