Горниот дом на парламентот во Полска го усвои законот за промени во врховниот суд, спротивно на барањата на Европската унија и критичарите во земјата кои сметаат дека законот ќе ги наруши демократските контролни механизми.
Десетици илјади демонстранти се собраа во Варшава и повеќе други градови во текот на вечерта со свеќи во рацете како протест против законот, додека сенатот заседаваше до доцните часови.
Некои од демонстрантите носеа знамиња на Полска и ЕУ, извикувајќи „слободни судови“.
Сепак, за да стапи во сила, законот треба да биде потпишан и од претседателот, Андржеј Дуда, кој е сојузник на владејачката Партија на правото и правдата (ПиС). Евроскептичната ПиС тврди дека новите законски прописи се потребни за поодговорна и поефикасна судска власт.
Опозицијата и правните организации во Полска, како и критичарите во Брисел сметаат дека законот е нов чекор на полската власт кон авторитарност.
Американската администрација, најважниот НАТО сојузник на Полска, преку соопштение повика дека било каква промена треба да биде согласно уставот.
Анкета изработена за приватната телевизија ТВН во петокот покажала дека 55% од јавноста смета дека Дуда треба да стави вето на промените во судството, додека 29% очекува тој да го потпише законот.
Од доаѓањето на власт во 2015-та година, ПиС бара начин да го засили влијанието на владата врз судовите и ги стави обвинителите и државните медиуми под директна владина контрола. Истовремено воведе ограничувања во јавните собири, додека воведе услови за потешко функционирање на некои невладини организации.
„Веруваме дека Полска полека но систематски се претвора во казнена институција“, изјави на дебатата во сенатот, облечен во затворска униформа, опозиционерот Јан Рулевски, искусен активист од анти-комунистичкото движење.
ПиС останува популарна меѓу гласачите и покрај неколкуте протести последниве денови како противење на реформите во судството. Со засилена економија и рекордно ниска невработеност, националистичката реторика на партијата на власт, заедно со фокусот на католицизмот, наидува на силна поддршка кај конзервативните гласачи во Полска.