По четврти пат, во недела во Охрид ќе се одржи Атлетската манифестација „Охрид трчаТ“, на која годинава се организира полумаратон од 21 километар со 250 учесници кој ќе започне во 7 часот и 30 минути и рекреативна трка на 5 километри со ист број на учесници која ќе започне во 8 часот и 15 минути.
Организаторите посочуваат дека овогодишното издание ќе преставува посебен предизвик поради состојбата со Ковид-19 и посебно поради фактот дека „Охрид трчаТ“, како што велат, е прва атлетска улична трка која ќе се одржи во Македонија во време на пандемија од коронавирусот.
„Мерките, протоколите и насоките од Комисијата за заразни болести во целост обезбедуваат заштита и сигурност на сите учесници на трките како и на сите што се дел од организацијата така што нас ни останува да ги почитуваме и да се придржуваме до нив поради безбедност на сите нас. На граѓаните од Охрид, жители на улиците, дистрибутери, туристичките работници, гости, такси компании им благодариме за почитување на времениот режим на сообраќај и за разбирањето. Сите заедно сме дел од Охрид и неговата промоција така што сме убедени дека ќе организираме добра трка“, велат организаторите.
Манифестацијата официјално ќе започне во сабота, на настан каде пријавените учесници ќе ги подигнуваат стартните пакети.