Помалку бирократија за подобар Закон за инспекциски надзор во животната средина

Активисти од граѓански организации за заштита на животната средина денеска на јавна расправа ја поздравија иницијативата за носење Закон за инспекциски надзор во животната средина, при што изразија подготвеност да се вклучат во процесот на негово носење, но уште еднаш укажаа на потребата за промена на повеќе одредби во предлог-законското решение.

Во предлог-законот, како што беше посочено и од надлежните институции, меѓудругото, е опфатено регулирањето на спецификите кои не се покриени со актуелниот Закон за инспекциски надзор, како стандардизирање на инспекциската постапка или вмрежување на државните со овластените инспекторати.

Па така, според Лилјана Поповска од Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) она што се бара од државниот инспекторат за животна средина има премногу бирократски пристап. Таа посочи дека таму се бара да се прават цели, документи и стратегии кои теоретски, во развиен демократски систем изгледаат убаво. Но не и во секојдневието.

„Меѓутоа ние треба да тргнеме од реалните состојби, каде што имаме по еден инспектор за води, еден инспектор за природа, и неколку десетина инспектори за животна средина и сега со тој обем на луѓе кои што имаат секојдневно задачи, каде што треба теренски да одат, да инспектираат, па и по план, плус и вон планот, едноставно ми изгледа физички невозможно дека тие луѓе ќе можат да одвојат време и за овие стратегии“, рече Поповска.

Дополнително, како што рече таа, инспекторите не треба да се претворат во администратори, поради тоа што тие се теренски борци за животна средина. Истовремено, Поповска смета дека законот е премногу лабав во поглед на некои од обврските што ги наметнува.

„Имено, за стандардно-оперативни процедури и за вистина проверка, тие се дадени како можност, но не и како обврска за инспекторите. Сметаме дека треба да бидат апсолутно обврска, без тоа нема да имаат алатка во рацете инспекторите со која ќе излезат на терен и максимално, објективно да вршат надзор врз животната средина. Таа алатка, тие стандардни-оперативни процедури и листите за проверка од една страна ќе значат водич за самите инспектори што треба да прашаат, проверат и да контролираат, а од друга страна, ќе значат и поголема објективност за самиот надзор, затоа што нема да може да биде оставено на инспекторите, на некој кој што можеби не ги следи упатствата и законите како што треба, да ‘кршка’ лево-десно, нешто да запише, нешто да не запише, и нешто да види, нешто да не види и да замиже“, рече Поповска.

Законскиот текст не го препознава инспекцискиот совет како надредена институција, смета Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија Флорозон.

„Преку 15-тина членови се во директна колизија со рамковниот закон за инспекциски надзор и практично ќе го направи неспроведлив, односно, повторно, доколку овој законски текст не претрпи, и не се усогласи со рамковниот закон за инспекциски надзор, едноставно нема да помине и ќе остане во состојба која што ја имаме сега. Практично, ќе немаме ‘апдејтиран’ закон“, рече Ристовски.

Дополнително, тој се осврна и на стратешкото планирање, за кое вели дека се поставува основно прашање дали државниот инспекторат може да носи национална стратегија.

„Ние мислиме дека не може, институцијата треба да донесе и усвои стратешки план, а не национална стратегија. Националната стратегија според нас треба да ја донесе инспекцискиот совет во соработка со МЖСПП“, додаде тој.

Исто така, Ристовски се фокусираше и на делот кој го истакнаа организаторите каде се посочи дека законското решение ќе овозможи и меѓусекторска, односно, соработка меѓу општините на локално ниво, и зголемувањето на надлежностите на овластените инспектори.

„Ние сметаме дека тоа не е така, поради тоа што, градоначалниците имаат преголеми ингеренции врз работата на локалните инспектори, практично тие се луѓето кои ги назначуваат, аминуваат или ги менуваат самите инспекторати. Актуелната пракса се заснова на локално ниво, исклучиво на непостапување на локалните инспектори. Во голема мера, самите локални инспекторати ги префрлаат обврските кон централната институција, односно државниот инспекторат за животна средина, токму поради политичкото влијание на самите градоначалници, кои што се во директна спрега со локалните бизниси“, истакна Ристовски.

Во меѓувреме, тој предложи и да се овозможи непосреден увид на граѓаните во постапките за инспекциски надзор, посочувајќи на обврските кои, како што посочи, произлегуваат од Архувската конвенција и од Директивата за индустриски емисии.

„Ние знаеме дека извештаите кои ги подготвува државниот инспектор во одредена област, имаат конкретни рокови за тоа кога треба да бидат изработени, како треба да бидат изработени, кога треба да им се дадат на увид на самите инсталации, меѓутоа недостасува одредбата на јавноста за увид во самата постапка. Така да, има доста голем обем на работа во смисла на доработка на законскиот текст и како граѓански организации кои ги пратиме малку поинаку работите, претежно критички, може да ја дадеме таа конструктивна критика, во насока на овозможување на поквалитетен законски текст. Ви стоиме на располагање доколку сметате дека можеме да дадеме контрибуција во овој смер“, порача Ристовски.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на јавната расправа рече дека е убеден дека решенијата кои се нудат во законот ќе овозможат надминување на одредени слабости во функционирањето на инспекциските служби, односно, пред се во недостатокот на кадар и неговата континуирана специјализација.

ГИС и претходно утврди низа забелешки на ваквиот предлог-закон, а истовремено и тогаш побараа Советот да биде вклучен во работната група за доработка на законското решение.

Организаторите на јавната расправа соопштија дека забелешки на законот ќе може да се доставуваат до среда, 21 јули до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инаку, нацрт-законот беше подготвен уште во 2016 година, а постапката за донесување неколку пати беше започната, но до денеска тој сè уште не е донесен.

М.К.