За една деценија во македонското високо образование се имаат случено огромни промени во професиите кои ги бираат студентите. Додека пред десетина година најатрактивно за студентите било правото, економијата и јазиците, сега таа улога ја имаат преземено компјутерските и медицински науки.
Економскиот факултет при УКИМ е факултет кој има изгубено најмногу студенти последнава деценија. Бројот на запишани студенти од 4.458 во академската 2011/2012 паднал на 2.199 во 2021/2022 година, односно 2.259 студенти помалку според податоците на Државниот завод за статистика. На првите три места се наоѓаат уште и Филолошкиот факултет при УКИМ и Техничкиот факултет при УКЛО. Во првите 10 со најголем пад има три економски и два правни факултети.
Во истиот период најголем раст на бројот на запишани студенти има ФИНКИ при УКИМ, а веднаш зад него се наоѓаат три факултети за медицински науки – оној на УГД, на Универзитетот во Тетово и на УКИМ.
Сличен тренд се забележува и кај бројот на дипломирани студенти. Помеѓу 2011 и 2021 година најголем пад на бројот на дипломци има Економскиот факултет при УКИМ, а најголем раст имаат медицинските факултети при Универзитетот во Тетово и УГД.
Факултетот за исламски науки во Скопје и Земјоделскиот факултет при УГД имаат процентуално најголем раст на бројот на дипломирани студенти. На првиот бројот на дипломци е зголемен за дури 13 пати, додека на вториот факултет има 12 пати повеќе дипломирани отколку пред една деценија.
Повеќе информации може да видите на инфографикот кој го подготвивме:
Даниел Евросимоски