Помалку пари за изградба на нови основни и средни училишта, а повеќе средства за реконструкција на постоечките предвидува Предлог буџетот за 2022 година. Дополнително за разлика од минатата година повеќе пари се предвидени за студентски и ученички стандард, основното образование и интеграција во ЕУ, додека нешто помалку средства ќе има за инвестиции и за средното образование.
Вкупниот основен Предлог буџет наменет за Министерството за образование и наука е зголемен за дури 6,5%, или речиси 25 милиони евра во споредба со буџетот од 2021. Трошоците за образованието од основниот буџет се предвидени на 24,66 милијарди денари, односно нешто преку 400 милиони евра.
Кај инвестициите во образованието следната година се предвидуваат многу помалку средства за изградба на нови основни и средни училишта (211 милиони денари помалку од 2021), а на сметка на тоа зголемени се средствата за реконструкција на постоечки училишта (309.5 милиони денари повеќе од 2021).
Истовремено, намалени се парите кои ќе се трошат за изградба и реконструкција на студентски домови (95 милиони денари помалку од 2021), а за следната година воопшто не се предвидени средства за изградба или реконструкција на ученички домови низ државата. Околу 4 милиони денари повеќе следната година се предвидуваат за енергетска ефикасна рехабилитација на студентските домови. И понатаму една од најголемите ставки во овој дел останува изградбата на училишни спортски сали во основните училишта, за што догодина се предвидуваат 126 милиони денари.
Кога е во прашање високото образование сите универзитети добиваат повеќе пари освен Универзитетот за информатички технологии во Охрид кои е предложено да добијат 9 милиони денари помалку. Најголемо покачување има кај Универзитетот „Мајка Тереза“, каде се предвидени 105 милиони денари повеќе од овогодишниот буџет.
Во образложението за предложениот буџет се наведува дека „активностите на Министерството за образование и наука се насочени кон остварување на следните четири приоритети: создавање образование кое е во најдобар интерес на децата и кое му овозможува на секој ученик да го достигне својот полн потенцијал; обезбедување квалитетно и инклузивно високо образование и унапредување на студентскиот стандард; зголемено вложување и развој на науката, истражувањето и иновациите и унапредување на системот на доживотно учење“.
Даниел Евросимоски