Помалку за основно, повеќе за спортски сали – што предвидува Предлог буџетот за образование во 2021

Длабок рез во основното, а повеќе пари за средното образование, студентскиот стандард, науката и инвестициите, предвидува Предлог буџетот за 2021 година кој се наоѓа во собраниска процедура.

Иако ова е првиот буџет кој целосно се планира имајќи ја во предвид пандемијата со Ковид-19, тоа не може многу да се забележи кога се споредуваат ставките со претходните буџети. Голем дел од трошоците се исти, или многу слични со плановите од оваа и претходните години, иако реалноста во образованието драстично се промени и најверојатно ќе остане таква барем и во првите неколку месеци од следната година.

Вкупниот Предлог буџет наменет за Министерството за образование и наука е зголемен за 1,3 проценти, или 5,7 милиони евра во споредба со овогодишниот. Вкупните трошоци за образованието се предвидени на 27,14 милијарди денари, односно нешто над 441 милиони евра.

Најголема жртва на во споредба со овогодишниот првичен Буџет се средствата за основно образование кои се преполовени, од скоро милијарда на 500 милиони денари. Скоро сите пари кои се кратат се од потпрограмата „проекти во основно“, а 15 милиони денари се кратат и од ставката „инклузивно образование. Во буџетот за 2021 година се предвидува и нова ставка – „проект за унапредување на услугите во основното образование“ за кој се предвидени нешто преку 37 милиони денари.

Додека буџетот за основното е скратен, буџетот за средното образование е зголемен за 200 милиони денари. Зголемувањето целосно е поради ставката „регионални центри за стучно образование и обука“, за кој во следната година се предвидени скоро 400 милиони денари.

Вкупниот буџет за високото образование е зголемен за 15 милиони денари. Кога ќе се разгледаат буџетите за јавните универзитети, може да се забележи дека во споредба со оваа година се намалуваат буџетите на УКИМ, Универзитетот за информатички технологии во Охрид и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а се зголемени парите наменети за Државниот универзитет во Тетово, „Мајка Тереза“ и „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Се зголемуваат и парите за студентскиот (173 милиони денари повеќе) и ученичкиот стандард (26 милиони денари повеќе).

Предлог буџетот за 2021 година предвидува и 100 милиони денари повеќе за наука во споредба со првичниот Буџет за 2020 година. Овој раст целосно се должи на потпрограмата „превод на книги од реномирани автори“, за која ќе бидат издвоени 106 милиони денари, која се враќа во програмата за наука, откако оваа година недостасуваше од Буџетот. Истовремено средствата за научно-истражувачка работа и за научните институти се малку намалени во споредба со буџетот за оваа година.

Најпосле, Предлог буџетот за следната година предвидува раст на инвестициите во образованието за скоро 200 милиони денари. Оваа бројка најмногу се должи на речиси тројно зголемениот буџет за изградба на основни училишта, кој од 100 милиони оваа година расте на 274 милиони денари следната година.

Сепак и понатаму во инвестициите доминантно место зафаќаат спортските сали, кои следната година изнесуваат околу 50 проценти од севкупните инвестиции. Во програмата убедливо најголем дел зафаќа ставката „изградба на училишни спортски сали во основни училишта“, за која следната година предвидено е да се издвојат нешто преку 470 милиони денари што е за 50 милиони денари повеќе од првичниот буџет за таа намена оваа година.

Покрај 120 милиони денари за изградба и реконструкција на студентски домови, за првпат во овој дел од буџетот се додава нова ставка „енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови“, за што во следната година се предвидуваат дополнителни 106 милиони денари.

Драстично е намален и буџетот на Агенцијата за млади и спорт, кои следната година ќе добијат околу 74 милиони денари помалку во споредба со првичниот буџет за оваа година. 56 милиони денари се кратат од потпрограмата „спорт“ а над 15 милиони денари се намалуваат за потрпограмата „млади“.

Дополнетиот предлог буџет во моментов е на дневен ред на Собранието на Република Северна Македонија. За него пратениците дискутираат веќе трет ден. Расправата за буџетот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена, по што се гласа по предлогот.

 

Даниел Евросимоски