Последните неколку дена, јавноста е разбранувана по објавениот подкаст од инфлуенсерот и влогер Стефан Лазаров, со Драган Павловиќ – Латас. Во подкастот на Лазаров, во сегментот „прво сексуално искуство“, Латас зборува за „сиротиња, распарталена во фиќо“, додека водителот се смее.
Реакции за видеото објавија повеќе здруженија, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, од каде истакнаа дека интервјуто е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство.
Влогерите, инфлуенсерите, водителите на видео подкасти и влогови на Јутјуб, јавните личности на Инстаграм, ТикТок и Фејсбук веќе неколку години активно создаваат онлајн содржина на македонски јазик. Содржината најмногу е фокусирана на поп-култура и маркетинг, спорт, интервјуа со познати личности, споделувања на „табу“ искуства, скриени камери, драми меѓу самите инфлуенсери, но и кампањи за подигнување на јавната свест за менталното здравје, врсничкото насилство, родово базираното насилство.
Голем дел од содржината, иако не е наменета за малолетни, ја гледаат токму младите. Впрочем, ако се разгледа возраста на инфлуенсерите, многу од нив и самите се млади луѓе. Во голем дел од своите содржини, тие посочуваат дека нивната содржина е од забавен карактер, нешто што го прават самите, поради, како што велат, недостатокот на поп-култура и шоу-биз во стандардните медиуми.
Психологот Гордана Спиридонова вели дека инфлуенсерството ги има младите како своја целна возрасна група и дополнува дека тоа се потпира на фактот дека тие се во процес на активно градење на својот идентитет и личност.
„Младата личност на оваа возраст активно трага по содржини кои ќе ѝ помогнат да се дефинира себеси, да си ги објасни своите мисли и внатрешни состојби, да открива особини кои и бегаат во обидите да даде појасно дефинирање. Тогаш надворешните репрезенти во актуелните содржини кои ги опкружуваат, како познати лица од светот на медиумите, музиката, но и луѓе кои кршат граници и ограничувања и интензивно застапуваат интересни содржини стануваат модел, но и мамка за младото лице“, вели таа.
Пред извесно време, веб сајтот „Либерти гејмс“ која направи музичка мапа од најслушаните изведувачи и песни во изминатата година според прегледите на Јутјуб. Според резултатите, во Македонија, најслушан изведувач е Војаж, српски рапер и актер кој има 21 година.
Комуникологот Бојан Кордалов објаснува дека инфлуенсер може да биде секоја личност која врши одредено влијание, во реалноста, или онлајн.
„Може да се врши влијание врз неколку стотици луѓе, може врз илјадници, може врз милиони. Мора да разбереме дека денес секој од нас кој што решава да го користи јавниот простор и да дебатира на јавни општествени теми, е своевиден инфлуенсер. Одговорноста е еднаква и да допирате до само сто луѓе и ширите порака со која потенцијално го кршите законот. Мислам дека е крајно време да се стави напред општествениот интерес, мислам дека е крајно време да се разбере дека инфлуенсери и инфлуенсерки не се само некои што се разголуваат, прават маркетинг и промоции, туку дека секоја промена, секој обид за влијание, дискусија, во јавниот дискурс врз јавното мислење“, вели тој.
Комуникологот дополнува дека инфлуенсерството треба да биде базирано на аргументација, дебата, различно мислење, но никако на дискриминација, омаловажување, на било кое кривично дело или било каква друга форма на говор на омраза.
Подкастот на Лазаров после неколку години отвори една важна тема – колку се подлежни на регулации ваквите содржини и имаат ли независните инфлуенсери одговорност за содржината што ја пласираат пред пошироката јавност.
Вчеравечер, Лазаров објави свое обраќање по лавината реакции.
„Се слагам со вас, во право сте и затоа сакам да ви се извинам за тоа што го чувте во подкасот, а јас како домаќин или водител дозволив тоа да се емитува. Дали станува за силување тоа ќе го оставам на вас. Меѓутоа, сакам да се извинам заради тоа што се добива една слика дека кај мене се промовираат такви работи“, истакнува Лазаров. Дополнително, инфлуенсерот во своето обраќање истакнува дека по него е поткрената организирана хајка. Подкастот со Латас во меѓувреме беше отстранет од неговиот канал.
„Оправдувањата дека оваа сфера не е регулирана се небулозни“
Катерина Синадиновска, претседателката на управниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), за Радио МОФ вели дека новите медиумски производи како влогови, независни видео-подкасти на Јутјуб не спаѓаат во новинарски производи според традиционалната смисла на зборот, па новинарските организации немаат мандат да ги анализираат и ценат низ таа призма.
„Но, апсолутно е неточно дека не подлежат на друг тип на регулација што е во рацете на државата. Сите законски прописи важат и за овие луѓе еднакво како за сите граѓани, тие во никој случај не се заштитени мечки. Фактот што фелата не ги препознава како новинари не значи дека државата не треба да ги препознае како прекршители на закон, тогаш кога ќе се утврди такво нешто. И ова е вака уредено во сите демократски држави. Разликата е само колку е функционална правната држава и колку се функционални институциите, односно како реагираат кога прописите се прекршени“, вели Синадиновска.
Кордалов, се надоврзува дека законите постојат и важат, па додава дека независно од тоа дали има посебен закон за блогови, влогови и слични содржини, постојат многу системски закони и постои Кривичен законик кој ја регулира одговорноста и сѐ што е недозволено да се прави овде.
„Клучно е да се разбере дека интернетот постои, дека дигиталните алатки и платформи постојат, дека се креираат содржини и дека подлежат на сите законски обврски. Самиот устав ако го земете, да го читате јасно кажува дека сѐ што не е забрането е дозволено. Значи ние регулираме што не треба да правиме и што е забрането да се прави. Сѐ она што вклучува дискриминација, омраза, ширење недозволиви материјали е забрането и не треба да се практикува“, истакнува комуникологот.
Синадиновска посочува дека и во земјава, во последно време, се забележува дека сепак има механизми како да регулира и санкционира или барем отвори истрага за говор на омраза, повици за насилство, уцени…
„Така што оправдувањата дека оваа сфера не е регулирана се небулозни, иако се разбира, простор за подобрување на легислативата и имплементацијата секогаш има, и ние сме подготвени и како медиумски организации да учествуваме во сите иницијативи за подобрување на состојбите во јавниот дисксурс“, додава таа.
Синадиновска вели дека одговорноста за пласираниот медиумски производ е на оној што го создал, односно креаторот на содржината.
„Кога станува збор за хајки тогаш се разбира и на нарачателот и апсолутно и на бизнис поддржувачите на ваквиот тип на производи. Но, да не заборавиме одговорност имаат и консументите, односно публиката и затоа е исклучително важна медиумската писменост во една поширока смисла“, забележува таа.
Јавна содржина е јавен интерес
Кордалов истакнува дека при креирање на јавно мислење и јавна содржина, треба да се има предвид јавниот интерес.
„Тоа значи дека треба да биде во склад со позитивните норми, со правните норми и прописи. Тоа значи дека треба да бидете во склад со публиката на која ѝ се обраќате, тоа значи дека треба да ги почитувате сите правила на играта и да ширите содржина која во никој случај не е дискриминирачка, која поттикнува насилство, загрозување на здравјето на луѓето и се она што носи негативни последици“, истакнува тој.
Синадиновска дополнува дека за начинот на регулација и измена на регулацијата на платформите допрва се разговара секаде во светот.
„Она што е важно да се разбере е дека додека трае дебатата дали и како новинарската фела ќе ги третира овие производи и креатори на содржина, државата веќе ги има механизмите за борба против говорот на омраза, повиците за насилство, навредите и клеветите, плагијаторството итн… И добро е што гледаме дека почнува да ги користи“, истакнува таа
Според комуникологот Кордалов, одговорноста или вината треба да се гледаат индивидуално, бидејќи тие зависат од секоја личност поединечно, и како таа се поставува себеси во дадена ситуација.
„Една од најголемите заблуди што постојат е дека вие за да бркате лајкови треба да треба да објавувате несоодветни содржини и да ги прекршувате законите. Може да изгледа како пократок пат, меѓутоа, тоа е краткотрајно решение, кога и да е ќе се соочите со последиците. Самите социјални мрежи постојано градат механизми како да ги заштитат останатите корисници од она што е непримерно, незаконски или недозволено“, порачува тој, дополнувајќи дека подобрување има, но уште многу треба да се работи.
Денеска да се биде инфлуенсер делува едноставно, меѓутоа одговорноста е многу поголема отколку само едноставните придобивки и заработка.
Синадиновска посочува дека слободата на говор никако не значи неодговорност – таа налага постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество.
„Кога слободата на говор се претвора во или провоцира криминални дејствија или каков било тип на нарушување на граѓанските и човекови права, тогаш тоа не е слобода туку е агресија и така треба да се третира. Сензационизмот, иако навидум е побениген од овие опасни отворени насилнички тенденции, прави исто исклучителна штета, оти честопати истите ги содржи во себе, а паралелно со тоа ја намалува и вредноста на професионалните и квалитетни производи на медиумската сцена“, објаснува таа.
Како може да влијае насилна медиумска содржина врз жртви?
Спиридонова вели дека сензационалистички раскажана насилна приказна може да предизвика различни сценарија на реакции кај жртвите на родово базирано насилство.
„Една мошне веројатна реакција е накнадна трауматизација на лицето кое доживеало насилна случка со можност од јавување на пропратните симптоми, физиолошки и физички, емоционални и когнитивни кои го поврзувааат лицето со претходен насилен настан“, вели таа.
Според психологот, кај лицето може да се активира веќе воспоставениот стрес одговор на организмот кога преплавуваат хормони на стрес, се покачува крвниот притисок, срцето силно бие, телото се препотува, рацете лесно треперат. Притоа со ослободување на низа емоционални реакции на вознемиреност, страв, чувство на беспомошност, изложеност, ранливост, но и чувства на бес и неоправденост…
„Друга можна група на реакции е обид за соочување, справување и побуна за доживеаната застрашувачка случка која силно го нарушила чувството на право на безбедно движење низ светот. Тогаш се ослободуваат интензивни чувства на фрустрираност и лутина, бес кои бараат свој излив во некое проактивно однесување кое може да е соочување со лице кое насилно делува во вид на напаѓање или понуда на поддршка на лица кои станале жртва во насилна случка“, вели Спиридонова.
Таа посочува дека сензационалистичкиот наратив креира услови за уште една сериозна последица од насилното делување во опкружувањето – ставање акцент на приказната и сензационалистичките елементи во опишувањето.
Психологот потенцира дека ова буди реакции кај читателите, слушателите и гледачите кои сведочат на овој начин и со повторување на ваквиот приод влијае да се креира средина во која се нормализира насилниот одговор.
„Сензационалистичкиот прикажување на реални застрашувачки настани може да создаде услови за различни облици дополнителна штета и кај лицата кои претрпеле насилство и кај средината која во обид да си го објасни тоа што се случува, развива навика да го минимизира значението на нешто тешко и со последици, во нешто за прераскажување, време пополнување, исмевање, озборување или развивање на рамнодушност како одбранбен одговор“, објаснува психологот.
Како делува сензационалистичката и сексистичка содржина врз младите?
Вчеравечер, здружена реакција објавија Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и независни медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).
„Без оглед на тоа што лицата, во конкретниов случај, ниту биле, ниту се наши членови, чувствуваме потреба да предупредиме дека ова може да остави сериозни последици на јавноста, посебно на младата публика. Говорот на омраза како и говорот што поттикнува насилство и креира предрасуди не е и не смее да биде нормален во јавната комуникација“, посочуваат новинарските организации.
Во вакви ситуации, велат тие, нужно е надлежните институции да преземат итни мерки со цел да покаже дека не се толерира неказнивност при груба злоупотреба на јавниот говор во интернет просторот, при што здруженијата ја поздравија реакцијата на МВР и Обвинителството.
Спиридонова се надоврзува дека содржините полни со насилство, сексизам и мизогинизам може да има сериозно штетно влијание особено ако земеме в предвид дека младите се идната главна возрасна група која ќе го уредува светот на живеење во блиската иднина.
„Ставовите имаат силна самоодржувачка тенденција и си бараат поткрепа во когнитивната сознајна компонента, емоционалната компонента која долева на интензитетот со кој стоиме зад своите ставови и тогаш во однесувањето постапуваме соодветно на силината на личните убедувања. Младата личност може подеднакво во целост да прифати мизогенистички и сексистички став не знаејќи дека токму тоа го прави“, објаснува таа.
Психологот додава дека родово заснованата нееднаквост се наоѓа зад многу облици на насилно и вознемирувачко постапување, па со младите треба да се разговара одговорно и коректно на овие осетливи теми за да ги разградуваат своите ставови, размислуваат за нив и ги проценуваат.
Таа посочува дека денес, млада личност минува и по 20 часа дневно онлајн, па виртуелната реалност неретко станува и прва реалност за неа.
„И тогаш едно младо лице е ставено пред сериозен когнитивен и социјален предизвик да прави разлика во објективноста, вистинитоста, релевантноста на информациите кои ѝ се нудат. Кај младите е возможна цела лепеза на реакции од моментно прифаќање на содржината како реална и вистинита, но и можност од обид за здраворазумско согледување, анализа и проценка на тоа што е понудено“, нагласува Спиридонова.
Ивана Смилевска