„Моменти на магично присуство – помеѓу реалноста и фантазијата“ е насловот на третата самостојна изложба на скулпторот и сликар Виктор Јаневски. Изложбата ќе се отвори денес, на 4 април, во Младинскиот културен центар.
Со почеток во 20 часот, во рамки на изложбата ќе бидат претставени неколку цртежи и поголем број на слики во акрилна техника.
Според кураторката на изложбата Конча Пирковска, насловот на изложбата, како и мотивите на сликите реферираат на лавирањето помеѓу реалноста и фантазијата.
„Во тој слободен, духовно изолиран паралелен свет, или во тој реално иреален ‘остров на уметноста’, Јаневски ни ги манифестира миговите на своето интимно магично доживување во процесот на креирањето на делата. Рефлексијата на магијата може да ја детектираме во варирањето на колористичката експресија, во прелевањето и лавирањето на боите, во различната мрфологија на елементите во композициите коишто се артикулирани низ стилските разлики. Како што ги прелева боите, се чини дека Јаневски, спонтано , низ еден лежерен ритам, синхронизирано и дискретно стилски оперира, тргнувајќи од реално – надреалните, преку монохромно обоените, па сѐ до апстрактно третираните дела“, посочува Пирковска.
Виктор Јаневски роден во 1994 година во Скопје, а завршил во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски” во Скопје. Дипломирал на катедрата по вајарство кај професор Жарко Башески, а подоцна магистрирал на катедрата по сликарство кај професор Жанета Вангели на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје. Јаневски е учесник на две самостојни и повеќе групни изложби.