Вчеравечер во Куршумли-ан се заокружи овогодишното, четиринаесетто издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ со доделување на наградите за најдобрите документаристички остварувања.
Фестивалот секоја година ги доделува наградите „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и Награда за најдобри етички идеи.
Комисијата за доделување на наградата „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма во состав Наталија Либет, Родолфо Кастиљо – Моралес и Јелена Максимовиќ наградата ја додели на документарниот филм „Помеѓу револуциите“ на романскиот режисер Влад Петри.
„Главната награда ја доделуваме на документарецот, чиј автор и косценаристи задираат преку револуциите и граѓанските немири за да откријат гласови од жени од една далечна ера. Сепак, нивните надежи и желби, љубовта и пријателството ни носат неверојатни емоции нам, модерната публика, сега и овде“, стои во образложението.
Комисијата додели и Посебно признание на филмот „Нема да исчезнеме“ на украинската режисерка Алиса Коваленко со образложение дека „филмот е приказна за созревањето која нѐ тера да веруваме дека дури и во тешките времиња на војна и неизвесност иднината, сепак, постои и вредна е за исчекување“.
Комисијата за наградата „Млад кромид“ за најдобар филм од програмата „Нови автори“ во состав Лорен Кларк, Владимир Гојун и Рок Бичек наградата ја додели на грузискиот филм „Волшебната планина“ на авторскиот тандем Мариам Чачија и Ник Војт.
„Спомените се нешто кревко, а овој филм покажува како и личните и историските сеќавања можат да бидат распарчени. Филмот нуди свеж и уникатен пристап во истражувањето и ископувањето на личните трауми / ужаси. Филмаџиите го ткаат личното, политичкото и физичкото во визуелно, речиси, клаустрофобично искуство од она што се случило во минатото и сегашноста истовремено укажувајќи кон актуелното“, се вели во одлуката.
Посебно признание во оваа категорија доби филмот „Куќата за талкачки души“ на шпанскиот автор Пабло Лаго Дантас.
Во категоријата за краткометражни документарци комисијата во состав Марина Костова, Барбара Орлич-Шчипула и Драган Вон Петровиќ наградата „Сечкан кромид“ ја додели на краткиот документарец „Излез“ на руските автори Евгенија Арбугаева и Максим Арбугаев.
„На еден далечен арктички брег во една запустена колиба, еден осамен човек ги поминува деновите чекајќи нешто. И кога нешто ќе се случи, сликите, речиси, надреалниот арктички свет со стотици илјади моржови на брегот одеднаш откриваат шокантни последици од климатските промени“, истакна жири-комисијата.
Посебно признание во селекцијата на кратки документарци доби „На работ на водата“ на шпанските автори Марија Елорка и Ињиго Салаберија.
За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм одлучуваше комисијата во состав Марко Грба Синг, Стефани Фухс и Витеслав Чованец, а наградата ја додели на „Ачевик, песната на храбрите жени“ на Елина Кастлер, бидејќи „филмот се занимава со темата на исцелување и тага на еден непретенциозен и прониклив начин. Филмот е сведоштво за силата и отпорноста на жените, но тој е и чувствително и поетско истражување на единството и моќта на музиката да излечи и да трансформира“.
Посебно признание од селекцијата на студентските филмови доби „Силосот“ (Budapest Silo) на Зофија Пацолаји од Унгарија.
Комисијата за наградата за филм со најдобри етички идеи во состав Андреас Јунсен, Серџо Трефо и Васко Маглешов наградата ја додели на „На Адаман“ на Николас Филибер со зборовите „Едноставен. Прекрасен. Совршен.“
Станува збор за филмско остварување кое го портретира уникатниот центар за грижа кој плови сред реката Сена во срцето на Париз.
На статуетките, изработени од Андреј Марјановиќ, кои им беа врачени на наградените автори се аплицирани различни форми на кромид, кој со својата слоевитост е симбол на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Годинашното издание на „МакеДокс“ со мотото #пресечи (#cutit) се одржа од 17 до 24 август со тематски фокус на монтажата на документарниот филм. На фестивалот присуствуваа над 100 гости и филмски автори од странство.