Поминаа изборите, а МКЦ остана без хонорарци, без бифе и заглавен во долгови

„Пијачки од дома да си носите“ беше пораката на организаторите на неколкуте концерти што се броеја на прсти, а беа изведени во оскудни услови во Младинскиот културен центар (МКЦ) за време на изборите. Центарот изминативе месеци често беше празен, обвиткан во мрак, без шанк, без разновидна и алтернативна културна програма за младите, бидејќи кубуреше со персонал откако новиот директор Арбен Бени Шаќири им ги прекина договорите на 30 хонорарци, што се’ уште влијае врз идното планирање на содржините и воопшто функционирањето на МКЦ. 

Моментално, како што дознаваме од луѓе што ја следат состојбата во Центарот, таа не е сменета и не е идеална – на хонорарците не им се продолжени договорите и не се вратени на работа. Планетариумот се’ уште не работи, не работи бифето, Детскиот креативен центар, Џебното кино, Ап(о)теката за плочи и сувенири… а сите тие продуцираа некаква содржина.

Владее неизвесност за иднината на МКЦ, не се знае колку ќе трае ваквата состојба, иако изборите – кои беа аргументот за преполовување на персоналот – практично веќе завршија.

Според нашите извори, директорот го користи МКЦ за рентање на просторот и сам договара настани.

„Само доаѓаат некои луѓе од Градот, го мерат просторот, се нуди ресторанот, позади некои простории се окупираат… Немаме претстава што се случува“, ни посочуваат нашите извори, стравувајќи дека ако продолжи вака работата, култниот центар што во 2021 година влезе во престижната европска мрежа Liveurope, може да биде претворен во деловен простор.

За следниов период, во МКЦ треба да се одвиваат „Скопски поетски фестивал“,  фестивалот на јапонска култура „Сакура“, потоа „Стрип трип“, дел од „Скопски викенд на гордоста“, „ОФФ-Фест“, „Синедејс“… Она што е неизвесно е под какви услови и стандарди би се реализирале настаните, бидејќи хонорарци беа потребни за целиот техничко-организациски дел, а воедно бифето опслужуваше стотици луѓе.

„Тие како програма треба да се реализираат, меѓутоа, колку, како и со кој капацитет – не се знае, бидејќи многу работи се под знак прашалник. Нема информации, ниту специфични насоки. Истовремено, МКЦ должи веќе 100.000 евра за парно и не се знае колку за струја. Она што ќе легне на сметка се праќа струја, наместо да се плаќа програма. Генерирани се долгови, кои, не се од сега, туку и од лани (н.з. кога пред Шаќири од Град Скопје беше поставен дипломираниот детектив Никола Алексов да го смени дотогашниот директор Ванчо Богоев, а притоа имаше кратење на програмскиот буџет на институцијата)“, велат нашите извори блиски до МКЦ.

За сите сегашни и идни случувања во МКЦ се обративме за одговор и до директорот Шаќири. Тој откако дојде на позицијата нема излезено на прес-конференција, туку единствено прати соопштение до јавноста за да ја оправда одлуката за хонорарците.

„Имам многу работа, ќе ве барам“, рече кратко Шаќири, откако завчера му пративме мејл, а вчера му вртевме и на телефон за да го прашаме за плановите за настани, долговите и за хонорарците.

Она што вработените на МКЦ преку синдикалната организација, а и самиот Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) го предложуваа за целиов период, беше тоа дека постои решение за хонорарците, за кои Шаќири рече дека не им го продолжува договорот поради препорака на Државната корупција за спречување корупција (ДКСК) и Изборниот законик.

Синдикатот на културата реагира за случајот со МКЦ: И во изборен процес треба да имаме живот и култура

 

Синдикалците укажуваа дека согласно Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, установата има право да врши исплати од сопствени приходи и во изборен циклус. Плус, кон тоа се аргументираше и дека, пример, како може еден предавач во Планетариумот да влијае врз изборниот процес, или пак детски едукатор што држи работилници во Детскиот центар.

Сепак, културниот живот скоро згасна за изборите, што според анализата на Радио МОФ се покажа дека е своевиден преседан во МКЦ, бидејќи Центарот и претходно функционирал за избори, додека останати културни установи како МНТ, Драмски и Турски театар рекоа дека до нив воопшто нема стигнато препорака од ДКСК.

Како ќе се одвива културата во МКЦ, но и надвор од него за време на изборите?

За потребата од поширока младинска културна понуда периодов говореше и иницијативата Сите за МКЦ. Откако лани организираше протестно-музички собир, петиции и герила акции против политички влијанија и кратење на буџетот во Центарот, овој изборен период иницијативата го искористи да организира серија културни настани, што симболично се одвиваа пред и позади МКЦ.

„Иднината на културата е во рацете на сите нас, па ајде колективно да ја издигнеме нагоре. Ако не ни даваат услови, сами ќе си ги создаваме“, рекоа од иницијативата.

Бојан Шашевски