Времето поминато пред екран за време на пандемијата со КОВИД-19 се зголемило најмногу меѓу основците на возраст од 6 до 10 години. Тие пред електронските уреди се наоѓале 83 минути повеќе секој ден во просек, покажува прво вакво глобално истражување.
Високиот раст на времето поминато пред екран е поврзано со полоши навики во исхраната кај децата, полош вид и нарушување на нивното ментално здравје, како анксиозност, агресија, иритираност и зголемена фреквенција на изливи на бес, велат научниците.
Сознанијата покренаа нови повици за акција со која ќе се спречат штетните влијанија врз здравјето на милиони деца.
Најголемото зголемување на времето поминато пред екран било помеѓу децата на возраст од шест до десет години, но значајно зголемување може да се забележи кај сите возрасни групи, според истражувањето предводено од Универзитетот „Рускин“ од Источна Англија.
„Оваа студија е прва од ваков вид, која систематски анализира други студии за зголемување на времето поминато пред екраните и неговото влијание. Преку комбинирање на многубројни студии добиваме многу поточна слика за оваа појава низ популацијата и здравствените последици. Генералната слика обезбедува јасни докази дека времето пред екран треба да биде намалено таму каде што е можно, за да се минимизираат потенцијалните негативни последици. Тие вклучуваат негативни ефекти во исхраната, сонот, менталното здравје и видот. Дополнително е важно да се промовираат и активностите каде нема седење, за да се избегнат ризиците од зголемувањето на времето пред екран“, објаснува професорката Шагина Пардан, директорка за Научниот институт за истражување на видот при Универзитетот „Рускин“.
По помладите основци (на возраст од 6 до 10 години), кои имале најголемо зголемување од 83 минути дневно, следуваат возрасните кои секојдневно поминувале 58 минути повеќе пред екраните и тинејџерите (на возраст од 11 до 17 години) кои поминувале 55 минути повеќе пред вакви уреди. Децата под 5-годишна возраст имаат најмало зголемување на времето поминато пред екраните, 35 минути повеќе
Истражувачите анализирале 89 студии од различни земји како Велика Британија, САД, Австралија, Франција, Чиле и Израел. Анализата била фокусирана на зголеменото време пред екран пред и по пандемијата, а биле опфатени податоци на повеќе од 200.000 луѓе. Студијата го анализирала и видот на активностите при времето поминато пред екраните, како и здравствените последици.
Истражувањето е објавено во „eClinicalMedicine“, што е дел од научниот магазин „Лансет“.