Конкурсот за избор на директор на Младинскиот културен центар е поништен, бидејќи на конкурсот пристигнале две нецелосни апликации.
„Поради тоа, како в.д. директор е именуван Русе Арсов, на кого пред извесен период му беше продолжен мандатот со уште една одлука“, велат од Град Скопје за Радио МОФ.
Постапката за избор на нов директор на МКЦ изминатава година повлече разни реакции. По најавите дека на чело на МКЦ може да застане Арбен Шаќири, преку социјалните мрежи се ширеше иницијативата #НеГоЧепкајтеМКЦ, а културни работници, уметници, професори, активисти, новинари преку писмо до премиерот Зоран Заев се спротиставија на најавените промени во уредувачката структура.
„Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази без да е обременета со комерцијални стеги. Континуитетот и развојот на МКЦ во последнава декада, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа“, стоеше меѓудругото во писмото.