Поништени резултатите од првиот круг претседателски избори во Романија

Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг на гласање на претседателските избори само неколку дена пред одржувањето на вториот круг, поради руско влијание. Тоа значи дека процесот ќе биде рестартиран од почеток, а владата треба да одреди датум за ново гласање, пишува Би-Би-Си.

Првиот круг го освои Калин Георгеску, „речиси непознат екстремен десничар и натоскептик“ кој претходно го пофали Владимир Путин.

Одлуката на судот доаѓа откако разузнавачките документи беа декласифицирани, што укажува на тоа дека Романија била цел на сајбер напади, а се тврди и дека Русија водела обемна кампања преку илјадници профили на социјалните мрежи за да го промовира Калин Георгеску на платформи како ТикТок и Телеграм.

Неколку часа по одлуката на судот, Георгеску изјави за еден романски телевизиски канал дека демократијата во земјата е „под напад“, опишувајќи ја пресудата како „формализиран државен удар“.

Тој рече дека „ќе оди напред низ процесот на гласање“, што имплицира дека ќе се обиде повторно да се кандидира за претседател.

Романскиот премиер во заминување, Марсел Чолаку истакна дека одлуката на судот за поништување е „единственото правилно решение по декласификацијата на документите, што покажа дека резултатот од гласањето на Романците е отворено искривен како резултат на интервенцијата на Русија“.

Во своето обраќање вчеравечер, актуелниот претседател Клаус Јоханис потврди дека ќе остане на функцијата додека не се избере нов претседател. Тој рече дека Романија е стабилна, безбедна и цврста земја, земја која останала цврсто проевропска и сојузник на НАТО.

Законот предвидува, во случај на поништување на изборите, тие да продолжат во втората недела по датумот на поништувањето – што би значело на 22 декември.

Сепак, судот одлучи да побара од владата да го повтори целиот изборен процес, а со тоа и изборната кампања.