Во Северна Македонија живеат 1.836.713 граѓани, од кои 58.44% се изјасниле како Македонци, 24.3% како Албанци, 3.86% Турци, 2.53% Роми, 0.47% Власи, 1.30% како Срби и 0.87% како Бошњаци. Од нив, 50.4% се жени, а 49.6% мажи, покажа првиот сет податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите.
Од попишаните, 46.14% се изјасниле како православни, 32.17% како муслимани, а 0.37% како католици. Со пописот, од Државниот завод за статистика соопштија дека се појавиле и други религиски заедници кои ги немало во претходните пописи, како евангелско протестански христијани, агностици, будисти и други.
Македонскиот им е мајчин јазик на 61.38% од попишаните, додека албанскиот им е мајчин јазик на 24.34%, турскиот на 3.41%, ромскиот на 1.73%, влашкиот 0.17%, српскиот 0.61% и босанскиот јазик на 0.85% од попишаните.
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.
Во рамките на Пописот, за прв пат беше овозможено и попишување на македонските државјани кои живеат и престојуваат во странство повеќе од една година преку веб-апликација на Државниот завод за статистика. Преку апликацијата се попишале 258.932 лица кои се водат како нерезидентно население. Од нив, 24.55% се изјасниле како Македонци, 66.42% како Албанци и 4.78% како Турци.
Најголемата статистичка операција се одвиваше од 5 до 30 септември низ целата држава. Пописот беше предвиден да трае од 1 до 21 април, но беше одложен поради состојбата со коронавирусот и потребата од имунизнација на населението.
Последниот попис во земјава се одржа пред 20 години, во 2002 година, според кој било утврдено дека во земјава живеат 2.022.547 лица.