Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија завршува за три дена, односно трае до 30 септември. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) досега се попишани 1.695.549 лица, односно 526.605 домаќинства и 752.916 станови.
Пред три дена, со цел никој да не биде пропуштен во пописот, ДЗС им понуди на граѓаните да отидат на одредени локации во нивните општини со цел да се попишат. Списокот со седишта каде може да се попишат е достапен на следниот ЛИНК.
„Tоа се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите денови да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот поминал во нивниот пописен круг, но не ги нашол во моментот дома, оставил или не оставил порака, едноставно не бил воспоставен контакт“, претходно соопштија од ДЗС.
Во меѓувреме, во странство преку апликацијата на ДЗС се попишани речиси 200.000 лица, односно 199.819 граѓани. Најмногу попишани лица во странство има во Швајцарија 64.187 лица, 45.422 лица во Германија и 27.848 лица во Италија.