Пописот на гнезда на штркови што го спроведе Македонско еколошко друштво (МЕД) покажа дека во земјава има точно 817 гнезда на штркови. Во нив живеат 2.023 млади и 1.638 возрасни штркови, информираат од МЕД.
Пописот во изминатиот период се спроведуваше на целата територија на Македонија и се состоеше од броење гнезда и младите штркови во нив. Во акцијата беа вклучени волонтери и локално население од македонските села. Попис од ваков вид последен пат е спроведен во 1958 година од научникот Р. Јоветич кога се избројани 1.132 активни гнезда со 3.576 млади штркови.
Пред почетокот на оваа акција, од МЕД соопштија дека броењето гнезда штркови се спроведува во истиот период низ цела Европа, а намалувањето или растот на бројот на штркови е важен индикатор за квалитетот на животната средина во која живееме.
Популацијата на штркови во Македонија е следена во периодот од 2002 до 2012 година во Пелагонија, кога е забележан пораст од 220 на 320 гнезда. Лани бил направен пробен цензус на општината Чешиново-Облешево која е и дел од Европската мрежа на села на штркови.
Според досегашните европски истражувања, МЕД информира дека со намалувањето на бројот на стари големи дрва кои се погодни за гнездење се зголемува бројот на гнезда во непосредна близина на човекови населби, особено на бандери. Понекогаш гнездата кои се наоѓаат на бандера се опасни и за штрковите и за луѓето па затоа добро е што постојат иницијативи од енергетските компании во земјава за поставување на платформи за гнездење. Ваквите платформи ако се правилно поставени и во право време штрковите лесно ги прифаќаат. Гнездата, пак кои се наоѓаат на кровови имаат голема поддршка од луѓето кои често и самостојно водат грижа за нивното зачувување.