Ледничките езера претставуваат директна закана за милиони луѓе ширум светот, а досега од поплавите предизвикани од нив загинале околу 12.000 луѓе, предупредуваат научниците, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Поради глобалното затоплување, глечерите се топат и се формираат езера на голема надморска височина, но од 1990 година, количината на акумулираната вода и бројот на такви езера се зголемија за 50 отсто.
Кога овие глацијални акумулации ќе се преполнат, постои ризик од излевање на водата и поплави од катастрофални последици, се вели во сторијата на лондонскиот весник „Гардијан“.
Сепак, Стефан Харисон, професор на Универзитетот во Ексетер вели дека не се сите леднички езера подеднакво опасни.
„Езерата на Хималаите и Андите се опасни, бидејќи водата од долините лоцирани високо во планините, по прелевањето со опасна брзина се спушта кон пониските области“, предупредува тој.
Глобалното антропогено затоплување на атмосферата не е единствениот фактор што придонесува за поплавите, туку на овој феномен може да влијаат и обилните дождови, земјотресите, лавините или одрони од карпите, како и позицијата на ледничките езера.