Режисерот и кореограф, Филип Петковски го најавува концепираниот перформанс „Популус“ – вид танцово изразување на група танчери и што ќе се одржи утре во Народниот театар – Битола во рамки на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Во најавата, Петковски забележува дека станува збор за перформанс изведен од социјалните танци на Македонците, Албанците, Турците и Ромите. Тој додава дека кореографскиот продукт е сработен преку истражувачки процес во кои танчерите и кореографот имаа за цел да истражат што е тоа што ги спојува овие заедници, наместо да нагласи што е тоа што ги прави различни.
„Латинскиот термин ‘vulgus populus’ може да се толкува исто како и ‘народот’, меѓутоа она што е водечко во овој перформанс е засебното значење на кованицата, односно: ‘vulgus’, однесувајќи се на примитивната и ниската класа во општеството, онаа која што се поистоветува со автентичност и оригиналност и ‘populus’, односно севкупното население што ја сочинува една нација“, се вели во описот за утрешниот перформанс.
Режисерот вели дека концептот е базиран на ваквите дискурси и има за цел да ги обработи, прекрши, видоизмени и истошти сите оние танци и движења кои се врзуваат со заедниците кои го населувале просторот на она што, како што опишува, денес го нарекуваме национална држава.
„Овој перформанс претставува еден нов вид на танцово изразување, особено кога станува збор за начин на кој се презентира традиционалниот танц во државава, поаѓајќи од фактот дека од 1950 година, па сè до ден денес, не постојат нови правци на кореографирање и осовремување на традиционалниот танц кој низ годините бил диктиран од перформативните политики на националните установи“, стои во соопштението.
Танчерите Теодора Ѓоргиева, Стефанија Маневска, Марија Саздовска, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Дени Синадиновски, Антонио Стојчески и Балаж Лучеи кои играат во перформансот се занимаваат со традиционален танц, балет, и современ танц.
Музиката содржана во концептот е на Дуке Бојаџиев, Влатко Стефановски, „Љубојна“, Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Мирослав Тадиќ, „ДахаБраха“ и Мобајл Соул Систем.