Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) доби согласност од Владата да го активира со работа ТЕЦ „Неготино“ за времено дополнително производство на електрична енергија во услови за енергетска криза. Ваквата одлука на Владата доаѓа откако пред повеќе од две недели беше прогласена енергетска кризна состојба.
Како што соопштија оттаму, дадена е согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД „ЕСМ“ и АД ТЕЦ „Неготино“ за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот од декември до април идната година, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба.
„Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД ‘ЕСМ’ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ ‘Неготино’ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија. Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД ‘ЕСМ’ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД ‘МЕПСО’, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата“, велат од Владата.
Дополнително, Владата најави дека ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и АД „ЕСМ“ со свои средства.
„Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД „ЕСМ“ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба“, додаваат од Владата.
Со одлуката, тие посочуваат дека ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа и зголемување на БДП.
„ТЕЦ Неготино кој 12 години беше ладна резерва, ќе биде ставен во функција и ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и стопанството во услови на глобална енергетска криза“, велат од Владата.
Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино”, од Владата објаснуваат дека ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.
ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати што е приближно како еден блок на РЕК Битола. Државната термоелектрана е изградена во 1978 година, а последен пат работела во 2009 година.