Ново истражување во Велика Британија открива дека климатските промени предизвикуваат растенијата да цветаат во просек еден месец порано отколку што тоа било случај претходните години.
Истражувачите се фокусирале на повеќе од 400.000 набљудувања на 406 растителни видови во базата на податоци наречена „Календар на природата“, која содржи записи од 18-от век до денес. Тие откриле силна врска помеѓу раното цветање на растенијата и растот на глобалните температури.
Студијата покажала дека растенијата цветале еден месец порано во периодот од 1987 до 2019 година, за разлика од периодот од 1753 до 1986.
Авторот на студијата, професорот Улф Бунтген вели дека резултатите се навистина загрижувачки поради еколошките ризици поврзани со раниот период на цветањето.
„Кога растенијата процветуваат прерано, доцниот мраз може да ги убие. Но, уште поголем ризик е еколошката некомпатибилност“, вели Бунтген.
Тој предупредува и дека пролетта во Велика Британија може да почнува во февруари, ако глобалните температури продолжат да растат со сегашното темпо.